Примената на Законот за поддршка на домашната музичка продукција и опциите за разрешување на состојбата биле тема на состанок меѓу претставници на Министерството за култура и Македонската радио телевизија.

Како што информираат во заедничкото соопштение, на вчерашниот состанок во Министерството за култура било констатирано дека актуелниот Закон е тешко применлив и дека не ја исполнува функцијата за која е донесен, како и дека во иднина заеднички ќе ги координираат активностите во насока на поддршка и развој на домашната музичка продукција.

На состанокот, како што се наведува, било констатирано дека Македонската радио телевизија, по спроведениот надзор и по насоките дадени од страна на Министерството за култура ќе пристапи кон поништување на одлуките за избор и одлуките за неизбор по основ на Вториот и Третиот квартал од 2017 година.

МРТ на 5 јануари годинава објави резултати од Конкурс според Законот за поддршка на домашната музичка продукција, а Министерството за култура на 11 јануари во соопштение до медиумите, информира дека со резултатите и одлуките на МРТ се создаваат дополнителни непредвидени финансиски импликации и долгови врз буџетот за култура.

- Во моментов, Министерството за култура ги анализира финансиските импликации со кои ќе се оптовари буџетот. Факт е дека Законот е сѐ уште во сила и дека МРТ засега постапува по него, сѐ додека Собранието не го усвои предлогот на Министерството за култура да се укине овој закон. Но, Министерството за култура ќе преиспита дали овие одлуки на МРТ донесени во новата година на 5 јануари, за конкурси кои се поврзани со програмата и буџетот од минатата година, се валидни и во согласност со законските прописи - се вели во соопштението.

Од Министерството, исто така, тогаш информираа дека до Владата на РМ веќе го поднеле предлог-законот за престанување на важењето на Законот за поддршка на домашната музичка продукција, со клучни аргументи дека овој Закон не придонесе за зголемување на квалитетот, ниту пак доведе до напредок и развој на музичката продукција и индустрија.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/01/2018 21:44