Англискиот фудбалер Тео Волкот од 18 часот вчера официјално е играч на Евертон од Ливерпул.

Волкот по 12 години го напушти лондонскиот Арсенал и направи трансфер во Евертон за 20 милиони фунти (22,5 милиони евра).

Стрелецот на четири и асистент на пет голови за „топчиите“ оваа сезона со „карамелите“ потпиша договор на три и пол години.

„Има нешто во овој потег поради што се чувствувам добро. Почувствував дека е време да го напуштам Арсенал. Беше тажно, но истовремено и возбудливо, сакам да ја оживеам својата кариера и да му помогнам на Евертон да победува, како што го правеше тоа и претходно“, изјави Волкот.

Тој е второ големо засилување на Евертон оваа зима, претходно Сем Алардајс за 27 милиони фунти од Бешикташ го доведе напаѓачот Џенк Тосун.

„Менаџерот е гладен, токму она што ми треба. Разговаравме неколку пати и веднаш ја почувствував таа глад и желба дека тоа го сака од мене“, додаде крилниот напаѓач.

Се шпекулира дека и Алексис Санчес би можело да го напушти Арсенал во текот на јануари и да отиде во Манчестер јунајтед, но трансферот го одложува желбата на Арсен Венгер дел од тој трансфер да биде Хенрих Мхитарјан, играчот за врска на „црвените ѓаволи“.

Доколку Санчес отиде кај Жозе Мурињо, на „Емирати“ би можело да стигне Пјер-Емерик Обамејанг, напаѓачот на Борусија Дортмунд, , а се шпекулира дека Арсенал е заинтересиран и за Бразилецот Малком, напаѓачот на францускиот клуб Бордо.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/01/2018 23:37