Интервентен откуп на пченицата да има само ако се утврди дека е потребно и да почнува од 1 јули, кога стартува жетвата, а не порано, да се смени старосната граница за млади земјоделци (наместо 35, да биде 40 години), да се обезбеди еднаква поддршка за овчарите во високите и низинските предели, да има субвенции за системот крава - теле, да се облагородат пасиштата со агромелиоративни мерки и рокот за исплата на земјоделски производи од страна на откупувачите да се намали од 90 на 30 дена, бара Националната федерација на фармери (НФФ).
Овие предлози, според НФФ, треба да влезат во Националната програма за земјоделството и руралниот развој 2018-2022. Веќе му се презентирани на ресорното Министерство и се доставени во писмена форма.
- Исто така сметаме дека, покрај системите за наводнување „капка по капка“, во Националната програма треба да влезат и нови технологии со кои ќе се ублажат негативните ефекти од климатските промени, како што се оросувачите и спринклерите кај овоштарството и лозарството, за заштита од мраз. Предлагаме и мерки за работната рака во сточарството, нова категоризација во Законот за земјоделство и рурален развој каде основен критериум нема да биде само бројот на грла, туку и други критериуми кои влијаат на продуктивноста на фармата зашто, на пример, 20 грла буша не се исто со 20 холштајн симентал, велат од НФФ.
Во делот на родовата застапеност, НФФ сугерира жените-фармери да добиваат 55 отсто поддршка за инвестицијата, исто како младите, без разлика на возраста. Во однос на административните процедури, пак, предлага календар за исплата на финансиските средства и календар за објава на огласи за мерките за апликации, за да можат земјоделците навреме да ја набават потребната документација.
- Предлагаме и контролата на терен да биде за време на вегетацијата, а не по бербите, решенијата за одобрените апликации, субвенциите и руралната програма да стигнуваат до земјоделците пред исплатата на средствата, а не потоа, субвенционирање на автохтоните раси да биде согласно ФАО - критериумите, како и да се воспостават индикатори за следење на Националната програма и резултатите од нејзиното спроведување, истакнуваат од НФФ.
Фармерите нудат решенија и за задругите. Сметаат дека е добро да се интензивираат обуките на менаџерите за подобар пласман и постигнување подобри цени.
НФФ оценува дека мерката за ограничување на производството во лозарството „зелена резидба“ не соодведствува со реалната состојба и има потреба да се замени со друга - потикнување на производство на дестилати и други производи со додадена вредност како маџун, суво грозје,..., а осигурувањето на посевите веќе не е интересно за земјоделците поради политиките на осигурителните компании.
- Парите што треба да ги добијат осигурителните компании од државата доцнат, а тоа потоа им се наплатува на земјоделците, со тужби и блокирање сметки. Затоа го подржуваме воведувањето интервентен фонд за штети од климатски промени, напоменуваат од НФФ.