Возачката дозвола за лицата постари од 70 години ќе се издава со рок на важење до три години, а не како досега ова правило да важи за лица над 65 години, потсетуваат од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата и притоа истакнуваат дека при продолжување на дозволата предвид треба да се земат не само годините, туку индивидуалната состојба на возрасносто лице.

Од РСБСП велат дека возраста на возачите претставува еден од факторите што значително влијаат врз безбедноста на сообраќајот.

Затоа, потсетуваат, возачката дозвола може да се издаде или нејзината важност може да се ограничи и на пократки рокови, а во зависност од наодот и мислењето на здравствената установа, содржани во уверението за здравствената и психофизичката способност на лицето.

Генерално, посочуваат, постојат две најзастапени групи учесници - причинители на сообраќајни незгоди, а тоа се младите возачи на возраст до 24 години и возачите постари од 60 години. Ризикот за учество во сообраќајни незгоди кај овие возачи е повисок во однос на останатата популација возачи. Во младите години, како предуслов возачите да учествуваат во сообраќајна незгода, се наметнува недоволното искуство и обученост за справување со предизвиците во сообраќајот, а во постарите години, тоа се физиолошките и психолошките промени кај личноста.

Повозрасните возачи се соочуваат со опаѓање на психофизичките функции, а нивните психомоторни способности се на пониско ниво, со што доаѓа до зголемување на индивидуалните разлики. Поизразени промени во делот на функциите на целиот организам и перцептивно-моторните способности се јавуваат по 40 годишна возраст.

Потребно е да се истакне дека возрасната група - постари возачи не претставува хомогена целина бидејќи меѓу нив постојат големи индивидуални разлики што се зголемуваат со текот на годините. Затоа, не е пожелно да се ограничуваат старосните граници во поглед на дозволата за возење, освен во случај кога непосредните фактори упатуваат на тоа.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/01/2018 19:09