Повеќе велосипедски патеки, места за паркирање на велосипеди и непрекината нова велосипедска патека долж кејот на реката Вардар се дел од работите што скопскиот градоначалник ги најавува со цел Скопје од град ориентиран кон автомобили да премине во град со алтернативни начини на транспорт.

На денешната меѓународна конференција посветена на мобилноста на урбаните средини, Шилегов рече дека како приоритет го ставаат проектот „Скопје велоград“ и оти кејот на Вардар ќе го адаптираат за потребите на пешаците и велосипедистите со цел да се намали сообраќајниот метеж во градот.

– Ве уверувам дека повторно ќе може да се пофалиме со непрекината нова велосипедска патека долж кејот на реката Вардар што поради градежните активности на т.н. проект Скопје 2014 е прекината и не е во функција. Левата страна на реката Вардар планираме да добие нови содржини, велоспидски патеки, осветлување и спортски реквизити, а десната страна ќе биде целосно посветена на велосипедистите и пешаците, истакна Шилегов.

За намалување на урбаниот метеж и зголемување на употребата на јавниот превоз во градските и приградските средини, од Министерството за транспорт и врски најавуваат и изградба на четири железнички краци околу Скопје.

Според министерот за трансрпот и врски Горан Сугарески, конкретни решенија би биле поголеми сообраќајници, подземна инфраструктура, користење на јавен превоз и алтернативен превоз, но и подигнување на свеста кај граѓаните за намалување на употребата на моторни возила во централните градски средини.

Денешната конференција во органзиација на Град Скопје е дел од проектот за справување со урбаниот сообраќаен метеж финасиран од Европската комисија.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/01/2018 16:30