На граѓаните кои со возила доаѓаат од другите градови во Скопје ќе им биде овозможено да ги паркираат на паркинзи на влезот од Градот и потоа да користат градски превоз.
– Тоа во никој случај не значи дека ќе им се забрани со нив да влегуваат во главниот град – рече градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.
Според него, претходните информации дека ќе се забрани влез во Скопје на возила од другите градови не биле точни.
– Парк енд рајд е систем кој е на доброволна основа и нема намера да стопира влез со возила во Скопје за граѓаните од другите градови. Скопје како што доликува на европските метроли, на граѓаните кои доаѓаат од другите градови, а дневно влегуваат и по 40 илјади автомобили, да им понудиме можност тие да ги остават на влезот во Скопје и да ги користат услугите на јавниот транспорт – рече Шилегов.