Сметките за потрошена вода ќе останат исти, а градските власти се подготвени да платат казна за неспроведување на одлуката на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за плаќање дополнителни два денара на потрошен метар кубен вода во Скопје за одржување на пречистителните станици, најави денеска градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов.
- Ако го рационализираме и добро го организираме работењето на Водовод Скопје, ќе ги обезбедиме тие средства од сегашниот материјален потенцијал кој го има претпријатието. Нема да се однесуваме расипнички кон средствата на Водовод и не ни се потребни килими од десет сантиметри во новата зграда. На граѓаните им е потребно обезбедување систем на здрава вода за пиење и систем за пречистување на отпадните води, рече Шилегов, одговарајќи на прашање на денешниот отчет за сработеното во првите 100 дена од доаѓањето на чело на градската администрација.
Тој посочи дека одржувањето на двата колекторски система кои треба да ги преземе Водовод во текот на годинава ќе го чини претпријатието 100 милиони денари.
- Заедно со менаџерскиот тим планираме тие средства да ги обезбедиме со добро организирано работење и без расипничко однесување на јавното претпријатие. Спремен сум да ја платам паричната казна и да не се подвргнам на одлуката на РКЕ - потенцира Шилегов.