Министерот за култура нема основа да ги запре работите во однос на реконструкцијата на Али Пашината џамија во Охрид, но ги охрабрува сите надлежни институции да постапуваат доколку имаат индиции за прекршување на законските процедури.
Ова денеска го соопшти Министерството за култура на Република Македонија по информацијата добиена од комисија од стручни лица, која ги испитувала сите околности во однос на реконструкцијата.
– Работната група препорача, а Министерството ќе достави барање до УНЕСКО, за стручно мислење – дали е во склад со стандардите за заштита на градот да се реконструира објектот во такви димензии. Министерството за култура нема ништо против обновувањето и заштитата на културното наследство, вклучувајќи ги тука и верските објекти, но сакаме тоа да се спроведува во законска процедура, почитувајќи ги сите прописи и постапки што се однесуваат на заштитување на објекти со историско значење, се истакнува во соопштението.
Од Министерството посочуваат дека слободата на вероисповед е загарантирана со Уставот на РМ, а дека заштитата на културното наследство, вклучувајќи ги историските верски објекти без оглед на религијата на која и припаѓаат, е врвен приоритет.
– Ние повеќе би сакале да ја гледаме културата и културното наследство како наше заедничко богатство кое не зближува, велат од Министерството за култура.