Новинарот Зоран Милошески од Прилеп кому ноќеска му беше запалено возилото бара надлежните што поскоро да ги откријат сторителите за овој и за случајот од пред една година, кога му беше запалена гаражата.
Имено, како што објави Милошески на својот профил на социјалните мрежи, ноќеска околу 1:20 часот по полноќ му било запалено возилото марка „сузуки свифт“, паркирано во семејната гаража. Противпожарната единица интервенирала откако соседите виделе дека неговото возило гори. Увид направила и прилепската полиција.
- Тешко е да се опише по непроспиената ноќ. Би рекол, ова е втора епизода по случајот од пред една година, кога ми е запалена гаражата. Синоќа целосно изгоре мојот автомобил. Мислам дека се работи за криминогена структура и криминогена политика, која се најде засегната од моите пишувања со години за локалните политички случувања. Мислам дека е ова порака не само до мене, до пошироката јавност, туку и до другите новинари, па и до граѓаните дека некој гледа и контролира. Чувството е непријатно, тешко е. Би апелирал до надлежните од полицијата да се расветли случајот, да се откријат сторителите и да се запрат ваквите случаи. Кај мене има револт од ланскиот случај по опожарувањето на гаражата за што сеуште не се откриени сторителите, вели Милошески.
Новинарот Зоран Милошески е сопственик на интернет-порталот „Публикум“. Сега е ангажиран во одделението за односи со јавност во приелпската локална самоуправа.