Охрид ќе добие ефикасна служба за спасување на планина, со што ќе стане безбедна дестинација за алтернативните форми на туризам како што е авантуристичкиот туризам.
Станува збор за активност што ќе биде спроведена во рамки на билатералниот македонско-албански проект „Регионот Охридско езеро – Безбедна дестинација за авантуристички туризам”, финансиран со средства од фондовите на ЕУ преку ИПА 2 програмата за прекуграничка соработка.
На денешната презентација на проектот беше појаснато дека со востановувањето на Центарот, Охрид и поширокиот регион ќе добие ефикасна служба за спасување, опремена со современа опрема, модерен оперативен центар, тренинг-центар, простор за чување на опрема, специјално теренско возило за спасување, како и соодветно обучен кадар согласно препораките на Меѓународната комисија за алпско спасување.
- Станува збор за проект што заеднички го спроведуваат Република Албанија и Република Македонија, осмислен како основа за заедничка стратегија во насока на развој на туристичката понуда на регионот и негов одржлив развој. Проектот предвидува нова инфраструктура што ќе биде од полза за потребите на туристите, како на Охрид, така и на Поградец - истакна Аријан Мероли, носител на проектот од албанска страна.
Според проектниот менаџер за Македонија, Антонио Додевски, огранизираниот туристички производ бара соодветно менаџирање со евентуалните ризици.
- Сите оператори што работат со клиенти мора да имаат организиран систем за заштита и безбедност на туристите. Трендот на раст на алтернативните форми на туризмот укажуваат на големиот потенцијал што го нуди авантуристичкиот туризам, оттаму произлегува и потребата од обезбедување соодветни услови за негов развој - вели Додевски.
Податоците на релевантните туристички асоцијации покажуваат дека уделот на алтернативните форми на туризам каков што е авантуристичкиот глобално до 2020 година ќе достигне 46 проценти, што претставува огромен економски потенцијал.
Реализацијата на проектот чини 415 илјади евра од кои 352 илјади се обезбедени преку грантови на ЕУ, а останатите се сопствено учество на партнерите вклучени во негова реализација.