Во кумановската касарна „Боро Менков“, припадниците на командата за операции денеска со воена свеченоста го одбележаа денот на единицата. Пред присутните се обрати началникот на генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски кој се осврна на функцијата на командата, честитајќи го денот.

- Таа е предводник на модернизацијата, опремувањето и исполнувањето на обврските произлезени од членство во НАТО дефинирани преку целите на способности. Во изминатите четири години, Командата за операции успешно се справува со исклучително сложена и одговорна задача, а тоа е да ја организира, развие и подготви лесната пешадиска баталјонска група со цел да биде целосно оперативно подготвена до 2027 година, рече Лафчиски.

Командата ги подготвува и единиците на Армијата кои учествуваат во меѓународни мисии, единиците се одлично обучени што се покажува преку учеството на вежби во земјава и странство.

- Руската агресија врз Украина не потсети дека слободата не е бесплатна, а демократските принципи и вредности на Европа доколку не се бранат, може да се изгубат. Обединети со нашите сојузници, ја препознаваме потребата од подобрување и унапредување на одбранбените капацитети и зголемување на нашите борбени способности. Буџетот на Министерството за Одбрана постојано расте и оваа година сме една од неколкуте членки на НАТО кои издвојуваат над два проценти од БДП, каде речиси 1/3 од средствата се наменети за модернизација и опремување на Армијата. Искуствата од војната во Украина покажуваат дека модерното војување драматично се менува и без оглед на цената, не смее да се заостанува во поглед на новите технологии. Заедно со нашите сојузници мора да ги надградиме нашите одбранбени капацитети, за да бидеме побрзи, помоќни и попаметни на бојното поле, кажа Лафчиски.

Тој потсети на учеството на единиците во справување со пожари и друга поддршка, се заблагодари на поддршката на стратешките партнери, сојузници, на Владата и Министерството за одбрана. Пред присутните се обрати и командантот на Командата за операции, бригаден генерал Бесник Емини кој во говорот пред присутните истакна дека Командата за операции постигнала многу изминатава година. - Наша амбиција е да евалуираме и да се приспособуваме со цел успешно пресретнување на новите предизвици и закани. Нашите структури, нашиот концепт, доктрината на војување и внатрешните процеси во армијата се оптимизираат, со цел да се постигне максимална ефикасност во процесот на генерирање на силите и нивно интегрирање во структурните и оперативните планови на НАТО. На национален план продолжуваме со вложување напори за стекнување кохезија меѓу единиците и командите и понатамошно интегрирање на националните и регионалните институции, со цел ефикасно пресретнување и спарување со ризици и заканите, кажа Емини. Во говорот, пред присутните, тој посочи дека Командата за операции во наредниот период ќе продолжи со модернизација, опремување, воведување нов систем на вооружување и дигитализација. На свеченоста присуствуваа генерали, пензионирани генерали, раководители, началници на сектори, советници во Министерството за одбрана, воено-дипломатскиот кор, градоначалници и претставници од локални власти, од бизнис заедницата. На свеченоста беа унапредени, пофалени припадници на Командата и беа прочитани стимулативни мерки за дел од припадниците. Свеченоста заврши со прелет на хелокоптер со македонско знаме, настапија и културно-уметничките друштва од Куманово. За ден на Командата за операции е определен 17. октомври, како спомен на одбележување на значајните историски настани врз кои се темелат традициите во Армијата, кога во 1878 година во селото Кресна е формиран штабот на македонското-кресненско востание кој е воедно и ден кога е кренато востанието



Автор: Администратор
Објавено на: 17/10/2024 22:41