Порака за соработка, за градење доверба меѓу граѓаните, но и подобрување на климата меѓу двете општества, испратија скопскиот и атинскиот градоначалник, Петре Шилегов и Јоргос Каминис, по нивната денешна средба во Атина.

Како што јавува дописникот на МИА за Атина, посебен впечаток, но и позитивно изненадување кај присутните во салата во зградата на општина Атина, предизвика почетниот дел од обраќањето на скопскиот градоначалник.

– Дами и господа добар ден . Денеска е прв пат што имав добра средба со мојот пријател Јоргос, рече Петре Шилегов, но обраќајќи се на грчки јазик, при што изнуди силен аплауз од присутните.

На прес-конференцијата по средбата рекоа дека почетокот на соработката е во период кога се во тек преговорите меѓу владите на двете земји. Затоа и пораката ја упатија и до граѓаните, но и до владите на двете земји, да продолжат со преговорите и да ги решат проблемите за граѓаните на Скопје и Атина да имаат нормална комуникација.

– Како нов градоначалник решив да го отворам градот, веќе се сретнав со неколку градоначалници од регионот и ќе работам на тоа зашто силно верувам дека градоначалниците на главните градови исто така се главните гласници, едни од главните гласници на земјата. Ако имаш добра соработка меѓу главните градови, тогаш лесно ќе имаш подобра соработка меѓу владите, рече Шилегов.

Неговиот грчки колега, порача дека владите во Атна и Скопје треба да се фокусираат на она што ги поврзува двете држави и двете општества, а не на она што ги разделува.

– Ние, градоначалниците на двата главни града се согласуваме со потребата за постигнување фер и одрлжливо решение, знаејќи ги предностите што доаѓаат со него. Треба да придонесеме одлучно, конструктивно, согласно со улогата што ја имаме, кон оваа насока, приближувајќи ги градовите и граѓаните. Во секој случај не сме ние тие кои преговараме, не сме тие што сме повикани да ги решиме проблемите што ги разделуваат земјите. Очекуваме од нашите влади да работат на национално одговорен начин да се прагматични, да покажат реална политичка волја за компромис. Да се концентрираат на иднината и на она што ги обединува двете земји, а не на она што не разделува, рече градоначалникот на Атина, додавајќи дека затоплување на преговорите меѓу двете земји и динамиката од последните седмици создаде чувство на оптимизам дека разликите што ги разделуваат двете земји ќе се решат.

Јоргос Каминис и Петре Шилегов, јавува дописникот на МИА од Атина, започнуваат соработка која ќе продолжи со посета на градоначалникот на Атина на Скопје, а ќе кулминира со потпишување на меморандум за соработка. Двајцата градоначалници, нивниот контакт го започнале уште во октомври, кога на локалните избори кај нас, Шилегов беше избран за татко на градот.

– Со градоначалникот Шилегов сме во комуникација од првиот момент од неговиот избор, минатиот октомври. Од двете страни беше изразена волја за соработка меѓу двата главни градови, во период кога прашањето со преговорите за прашањата што ги разделуваат двете земји сѐ уште се немаа појавно на сцената. Градоначалникот на Скопје е прогресивен човек, модерен политичар кој го разбира значењето на екстровертноста, на развојот на добрите односи, на добрососедските односи, но и динамиката на градовите и динамиката што ја има локалната самоуправа, рече Каминис, пренесува МИА.

Денешната средба, како што посочи, претставува почеток на поблиска соработка меѓу двата града со која сакаат да создадат услови за поголем развој на регионот и регионалната стабилност.

– Имајќи предвид дека нашите граѓани се соочуваат со исти предизвици во секојдневното живеење, размената на искуства и продлабочувањето на соработката ќе придонесат заеднички да учествуваме во изнаоѓање решенија за современите потреби на нашите сограѓани. Во таа насока, го вложуваме целиот наш потенцијал да создадеме подобри услови за живеење и да го подигнеме квалитетот на живот на граѓаните на Скопје и Атина, изјави Шилегов.

Тој додаде дека меѓусебната соработка на градовите значи отворање нови можности за развој и напредок, и поради тоа го отвораат патот кон меѓусебно приближување. Нагласувајќи дека целта е тоа да биде во интерес на граѓаните и заеднички да учествуваат во унапредувањето на иднината на градовите внатре во европското семејство.

– Пријателството е доблест која им прилега на храбрите. Иницијативите кои ги поврзуваат народите и регионите во продуктивна соработка и разбирање се пријателски иницијативи. Затоа верувам дека ние имаме силна волја и капацитет да го зацврстиме нашето пријателство во иднина, објасни градоначалникот Шилегов.

Двајцата градоначалници на средба разговарале за соработка во конкретни области како што е социјалната политика, урбаниот развој, справувањето со климатските промени, дигитална стратегија, за улогата на граѓаните, но и за соработка која ќе ја зголеми довербата.

Веќе следната седмица, работна група од општина Атина, ќе биде во Скопје во рамките на европска програма во која учествуваат двата града.

На крајот од прес-конференцијата, веднаш по нивната средба, двајцата градоначалници разменија подароци.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/02/2018 22:14