Градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ, донесе решение со кое го поништи и го огласи за ништовно издаденото одобрение на фирмата „Амадеус Девелопмент“ за изградба на објект за комерцијални и деловни намени на улица „11 Октомври“ бб во централното градско подрачје, дознава Плусинфо.

Надлежните во општината констатирале, дека инвеститорот во рок од две години по правосилноста на решението, колку што пропишува Законот за градење, не започнал со изградба на објектот. Според член 66 став 1 од Законот, одобрението за градење престанува да важи доколку инвеститорот не почне со изградба во рок од две години од денот кога одобрението за градење станало правосилно.

Со поништеното решение вон сила се става изградбата на Шпанските скали на плоштад „Македонија“.

Во 2015 година, Општина Центар издаде дозвола за изградба на објектот, а советниците на Град Скопје, дадоа зелено светло за Шпанските скали, бидејќи површината на која тие требаше да се градат е под надлежност на Градот.

Извор: Плусинфо



Автор: Администратор
Објавено на: 10/02/2018 20:19