Телата на двајцата планинари кои загинаа на Кајмакчалан се пренесени во болницата во грчкиот град Јаница (Ениџе- Вардар), откако беа извлечени од спасувачките екипи, дознава МИА.

Смртта на 28 – годишната К.В. и 35 – годишниот А.М., јавува дописникот на МИА од Атина, ја потврдија и од грчката противпожарна служба.

– Вчера во 14.30 часот, беше известена и веднаш се активираше нашата служба за спасување на две лица, кои исчезнаа на врвот од планината Ниџе. Поради лошите временски услови, силната бура и непристапноста на теренот, обидите за пронаоѓање беа залудни и продолжија и денес. Во акцијата за спасување беа вклучени 16 противпожарни службеници во четири возила. Спасувачки екипи од противпожарната служба, со специјално возило, ги лоцираа исчезнатите лица на надморска височина од 2.524 метри и со специјална планинарска опрема пристапија и ги извлекоа мртви, 28 годишната К.В. и 35 годишниот А.М. Телата во 13.30 часот денес беа предадени на итната помош, соопштија од грчката противпожарна служба – објави МИА.

Починатите биле членови на планинарскиот дом „Трансверзалец“.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/02/2018 15:42