Монографијата „Марков манастир - Св. Димитриј, внатрешниот духовен живот“, во авторство на игуманијата Илијана, ќе биде промовирана утре со почеток од 19:00 часот, во свечената сала на Соборниот храм Св. Климент Охридски во Скопје.
Монографијата излезе од печат деновиве во издание на ПНВ Публикации, со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија, и е прва од ваков вид посветена на овој манастир.
Промотори на монографијата, ќе бидат проф. д-р Елизабета Димитрова и проф. д-р Јован Белчовски.
Монографијата „Марков манастир - Св. Димитриј, внатрешниот духовен живот“ е труд кој е посветен на различни аспекти од вековното опстојување на манастирот. Во изданието на околу 140-те страници презентирани се различните димензии кои ја даваат пошироката слика на манастирот, тргнувајќи од историско-културниот аспект, па сѐ до естетската димензија и духовно-монашкиот елемент низ вековите па сѐ до денес.