Работниците на Еурокомпозит кои една недела се во штрајк, денеска ги остварија своите закани и ги радикализираа работничките протести со едночасовна блокада на магистралниот пат Прилеп- Битола, кај клучката пред Лукоил. Тие остануваат на своите барања за исплата на бруто- плата и да ги добијат заостанатите придонеси од јуни 2012 година до денес.

- Не не сфатија досега сериозно ниту Владата ниту директорите и продолжуваме со нашите протести, додека нема некој слух да не разбере. Секој ден ќе ги продолжуваме нашите протести, а планираме во овие неколку дена, да одиме за Скопје пред Владата- рече Роберт Богданоски, претседател на синдикатот на Еурокомпозит.- На луѓето им е преку глава оваа состојба, а изјавата дека треба да работат за пет илјади денари е несериозна. Во оваа држава постојат закони и секој работник треба да зема барем 12. 000 денари- рече претставникот на гранскиот синдикат СИЕР, Лазар Ангелески.

Работниците сметаат дека во фирмата владее беззаконие и дека за само шест месеци, новото раководство направило злоупотреби, поради што, поднесена е кривична пријава.

- Се сомневаме за трансфер на некои големи суми пари, од една фирма во друга фирма префрлани, во некоја непостоечка фирма сопственост на Тони Дукоски, раководителот на Еурокомпозитна опрема. Се работи за некаде околу 90. 000 евра од Еурокомпозитна на Композитна и од таму Ројал логистик интернационал од село Велгошти- рече Богданоски.

Линеарниот паушал од пет илјади денари што го добија како аванс, само ја прелеа чашата и работниците се почуствуваа измамени од ветувањата на Владата дека ќе добијат цела плата и од осми февруари се во штрајк. По денешната радикализација, следен чекор ќе бидат протестите пред Владата, а гранскиот синдикат се уште не може да воспостави контакт за преговори со претставниците на власта.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/02/2018 17:10