Поврзувањето на новата водоводна линија во Штип и денеска остави дел од населбите без вода за пиење. Градоначалникот Иван Јорданов упати јавно извинување до граѓаните и уште еднаш повика на трпение, додека да се реши проблемот и да се нормализира водоснабдувањето во градот. Граѓаните на населбите Осми Ноември, Пребег, Железничка, Исар, Ново Село, Сењак, Дузлак и Баби втор ден немаат вода за пиење.

Јорданов посочи дека е свесен за потешкотиите со кои се соочуваат граѓаните и вели дека станува збор за зафат кој не се случил во изминатите 50 години.

-Сакам да се извинам на нашите сограѓани кои во текот на вчершниот и денешниот ден имаат проблеми со водоснабдувањето. Но, она кое е крајна цел е конечно решавање на долгогодишниот проблем со водоснабдувањето на територија на Штип и зафат кој ќе служи за наредни 50 години. Јас сум свесен дека ова во кое влеговме е цел зафат и никој досега не се одлучил заради проблематиката и заради самата природа на работа, изјави Јорданов.

Тој на денешната прес-конференција рече дека последните активности за поврзаувања на главната водоводна линија се очекува да бидат завршени во текот на денешниот ден и сите населени места во Штип да добијат вода за пиење. Во меѓувреме беа поставени цистерни за техничка вода, а домаќинствата добиваа и флаширана вода за пиење.

-Барам трпение и очекувам во текот на денот да добијат вода за пиење населбите во кои нема, а тоа се Ново Село, Осми Ноември, Исар, Пребег, Железничка, Три Чешми, а во текот на денот имаше цистерни со вода и се делеше и флаширана вода, вели Јорданов.

Посочи дека со решавање на овој проблем ќе се стави крај на дефектите со водоснабдувањето во градот во наредните 50 години. Најави дека следната, односно втората фаза предвидува изградба на резервоарите Пребег и Мери со што комплетно ќе се реши проблемот со ниска и висока зона и слабиот притисок на вода.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/07/2024 15:33