Ансамблот на НУ Народен театар-Битола викендов ќе ја изведе првата премиерна претстава годинава.
Станува збор за претставата „Коцкар“ од Ф. М. Достоевски во режија на Дејан Пројковски во која ќе настапат 14 актери, а главните улоги ги толкуваат актерите Огнен Дранговски и Илина Чоревска.
– Целата претстава е едно сизифовско, но не искачување туку пропаѓање до дното или до дуплото дно. Ликовите во претставата постојано се меѓу рајот и пеколот. Преку пеколната машина рулетот ги гледаме сите страсти на човекот, лажното дефинирање на среќа и затоа самата претстава во еден момент станува трагикомична, бидејќи ликовите се борат да создадат лажна претстава за самите себе. Работејќи на претставата сватив дека главниот лик Алексеј Иванович, може да се каже дека е руски Хамлет и во таа смисла драго ми е што таа улога му ја доверив на актерот Огнен Дранговски, истакна режисерот Пројковски на прес конференција во Битолскиот театар.
Театарската претстава „Коцкар“ финансиски е поддржана од Министерството за култура, потврди директорот на НУ Народен театар-Битола, Иван Јерчиќ.
– Во природата на човекот е никогаш да не биде задоволен, а кај уметниците задолжително е правилото да се незадоволни, и во таа смисла ако треба лично да кажам, тогаш не сум целосно задоволен од средствата што ни се доделени, но средствата што ги добивме од Министерството за култура за четири театарски проекти, за организирање на „Битола Шекспир Фестивал“ и за две гостувања во странство, односно во Ерменија и Полска, тогаш збирно кажано тоа е доволно за да успешно менаџираме на сите проекти и е во рамки на претходните буџети на театарот, изјави Јерчиќ.
НУ Народен театар-Битола во текот на годинава дополнително и со свои средства ќе подготви две театарски претстави, а една од нив по подолго време ќе биде посветена на најмладата публика – децата.