Во буџетот на Град Скопје за 100 најдобри спортисти средношколци во 2018 година се предвидени стипендии во износ од три милиони денари или најдобрите спортисти осум месеци ќе добиваат по три илјади денари.Ова денеска го истакна скопскиот градоначалник Петре Шилегов на вториот дел од Средношколските спортски лиги во Скопје, за учебната 2017/2018 година.
Шилегов нагласи дека оваа манифестација е една од позначајните во која вложуваат и за годинава буџетот на Град Скопје е зголемен за 400.000 денари.
- Обезбедивме за најдобрите екипи во мал фудбал, кошарка, одбојка и ракомет, во машка и женска конкуренција, патување во еден од европските збратимени градови на Скопје. Да направиме размена на спортски план - рече Шилегов.
Додаде дека е важно младите генерации да имаат спортски дух, да го развиваат спортот и да се дружат.
Тој посочи дека летово во средните училишта ќе има реновирање, а ќе се опфатат и дел од спортските сали кои досега не биле реновирани.