Во организација на Федерацијата за лизгачки спортови на Македонија и СРЦ „Борис Трајковски“ на 23 и 24 февруари во Скопје по втор пат ќе се одржи Меѓународен и Национален натпревар во уметничко лизгање.
Како што најавуваат организаторите, на овој престижен спортски настан ќе учествуваат 60 натпреварувачи на возраст од пет до 25 години од Србија, Грција, Бугарија, Хрватска и други земји. Поделени се во пет категории: кадети, кадети Б и Ц, млади јуниори, јуниори и сениори.
Натпреварот ќе се одвива во два дена. Во петок своите вештини на мразот ќе ги покажат учесниците во интерпретативните категории, додека саботата ќе биде посветена на натпреварувачките категории. Поканети се ИСУ квалификувани судии од Руската Федерација, Бугарија и од Србија. За значењето на натпреварот говори и фактот што тој ќе се одвива по критериуми и правила стандардизирани од Меѓународната унија на уметничко лизгање (ИСУ).
- Целта на настанот е да се популаризира уметничкото лизгање во Македонија и на тој начин да се поттикнат што е можно повеќе деца и млади да застанат на мразот и да почнат да се занимаваат со овој спорт. Но секако и да се поттикнат младите спортисти кои овој спрот го тренираат веќе седум години, во една здрава конкурента средина да ги остварат своите амбиции, а тоа е секако освојување на титулата Нацинален првак во ументичко лизгање - посочуваат организаторите.
Влезот во СРЦ „Борис Трајковски“ двата дена од манифестацијата ќе биде слободен.