Електричниот автобус ќе почне да сообраќа на градските улици во април годинава, и тоа на линијата со број 15 на ЈСП од Ново Лисиче до Карпош 4, по следната траса: булевар Јане Сандански, булевар Кочо Рацин, улица Димитрие Чуповски, булевар Партизански одреди и обратно.

Електричен автобус ќе почне да сообраќа за четири до пет недели низ улиците во Скопје и тоа на линијата со број 15. Во возилото може да се превезуваат до 85 патници.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, и генералниот директор на компанијата Chariot Motors, Милен Милев, денеска потпишаа договор за пробно користење електричен автобус за период од шест месеци. По истекот на пробниот период овој електричен автобус ќе биде понуден на ЈСП и на приватните превозници да го купат.

– Ова е одлична можност која ќе не збогати со едно ново искуство во нашиот град, што понатаму ќе можеме да го користиме во планирањето на модернизацијата на јавниот градски превоз. Автобусот е направен во согласност со последните технолошки трендови во оваа индустрија. Станува збор за енергетски ефикасен автобус што троши минимално количество електрична енергија и е опремен со систем за брзо полнење, рече градоначалникот Шилегов.

Најголемата предност, посочи, е тоа што воопшто нема емисија на издувни гасови што го загадуваат воздухот, а станиците за полнење на автобусот ќе бидат на крајните постојки во Ново Лисиче и Карпош 4 се поставени со помош на ЕВН Македонија.

– Вложувањето во јавен градски превоз кој е енергетски ефикасен и кој не го загадува воздухот е влог во создавањето здрава животна средина. Решавањето на деценискиот проблем со јавниот превоз во Скопје е дел од листата на приоритети на градот. Годинава предвидовме буџет за субвенции за набавка на еко-автобуси во висина од 100 милиони денари и за приватните превозници во висина од 20 милиони денари, рече Шилегов.

Додаде дека Скопје заслужува автобуски превоз што нема да загадува, ќе биде енергетски ефикасен и кој во целост ќе излезе во пресрет на потребите на граѓаните кои го користат.

Претставникот на компанијата, Александар Томашевич истакна дека Chariot Motors е израелска компанија со седиште во Софија која во соработка со кинеската компанија Хајгер произведува електрични автобуси за европскиот пазар. Посочи дека компанијата дневно произведува 76 автобуси и е трет производител во светот по произведени единици. Концептот за брзо полнење, нагласи, е единствениот одржлив концепт во моментов во Европа.

– Полнењето на првата и последната станица која може да трае од три до пет минути на една линија, овозможува 24-часовно работење на автобусот. Автобусот троши еден киловат електрична енергија по еден километар. Ако претпоставиме дека линијата 15 поминува 300 километри дневно потрошувачката е 21 евро за цел ден. Ако споредиме со потрошувачката на дизел која е 45 литри на 100 километри тогаш добиваме цена од 120 евра.Тоа е огромна заштеда на средства од 100 евра дневно по едно возило. Одржувањето на електричниот автобус е шест пати поевтино од одржувањето на дизел автобусите. Даваме 10 години банкарска гаранција на целиот систем на складирање енергија, додаде Томашевич.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека вакви автобуси кои чинат 450.000 до 500.000 евра се возат во Белград, Грац, Тел Авив, Салцбург, Мадрид и во Ла Специа, а работниот век им е 16 до 20 години.

Градоначалникот Шилегов одговарајќи на новинарско прашање рече дека не станува збор за набавка на електричен автобус, туку тоа е пилот проект и на граѓаните ќе им ги презентираат неговите перформанси.

– Конечната одлука дали ќе се набавуваат вакви автобуси и колку ќе се набавуваат се уште не е донесена, додаде градоначалникот Шилегов.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/02/2018 16:22