Градот Скопје, од денеска ја враќа во функција автобуската постојка во градскиот трговски центар низ која повторно ќе поминуваат автобусите на ЈСП Скопје со број 50.
-50 - ка повторно поминува низ ГТЦ. Денеска ја враќаме оваа линија на местото каде што традиционално припаѓа. Го враќаме стариот дух на градскиот трговски центар со намера да го заживееме онаков како што го знаеме од времето кога Скопје беше полно со радост - изјави градоначалникот Шилегов во неговото обраќање пред граѓаните.
Градскиот трговски центар, во изминатиот период ги почувствува последиците од затворањето на оваа постојка, имајќи предвид дека тоа влијаеше врз фрекфентноста на луѓето во објектот. Намалувањето на движењето на луѓето се рефлектираше на прометот на трговците, особено кај долниот кат на трговскиот центар. Економските последици беа најочигледни по преместувањето на автобуската постојка, многу од трговците набргу потоа ги затворија своите дуќани.
-Сега ни останува да го ревитализираме објектот, да ги вратиме луѓето во ГТЦ, да го вратиме ГТЦ на дуќанџиите - истакна Шилегов.
Понатаму градоначалникот додаде дека граѓаните поминаа референдум, почувствуваа економски и социјален удар, но не дозволија ГТЦ да ја изгуби автентичноста.
-Препознатливиот лик на Градскиот трговски центар им припаѓа на скопјани, а наша обврска е да им овозможиме на нашите сограѓани да уживаат во она што им припаѓа. Автентичноста на ова здание ќе ја облагородиме со зелен покрив што ќе даде нова димензија на објектот како дел од нашата визија за зелено Скопје. Го чуваме ГТЦ, гордо и достоинствено, со љубов и посветеност. Да продолжиме така да го сакаме ГТЦ - потенцираше Шилегов на крајот од своето обраќање.
Автобусите со број 50 (назив на линија Хиподром – Клинички Центар) во правец кон Клинички центар ќе возат по изменета траса и тоа: после автобуската постојка „МНТ“ на ул.„Филип 2 Македонски“ ќе ја користат постојката во сутеренот на Градски трговски центар, а потоа ќе ја користат автобуската постојка „Центар-Рекорд.
Во правец од Клинички центар кон Хиподром, автобуската линија број 50 ќе сообраќа по постојната траса.