На местото на споменикот на Андон Лазов Јанев – Ќосето, кој ноќеска беше остранет од службите на Град Скопје, ќе се насади дрво на човековите права и ќе биде поставена изгравирана плоча, која Скопје ќе ја добие од збратимениот германски град Нирнберг, на која ќе бидат напишан членот 10 од Универзалната декларација за човекови права на Обединетите нации (ОН).
Ова денеска на прес-конфренција го соопшти градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, кој истакна дека повеќе нема да се толерира незаконитот и недозволено постапување и оти почнува процесот на справување со проектот „Скопје 2014“.
– Членот 10 гласи: „Секој има потполно еднакво право на праведно и јавно судење пред независен и непристрасен суд, при одредување на неговите права и обврски и во услови на какво и да е кривично обвинение против него“. Пораката што ќе ја испрати градот до граѓаните е дека во судот правдата е слепа и се дели непристрасно – рече Шилегов.
Тој рече дека дрвото кое ќе биде од видот „Гинко“ ќе биде купено преку јавна набавка. Шилегов додаде дека Град Скопје во соработка со Министерството за животна средина и ЈП „Паркови и зеленило“ ќе набави повеќе дрвја од овој тип, кои ќе бидат насадени низ градот, а вкупната вредност на набавката изнесува 40 милиони денари или околу 650 илјади евра.
Одговарајќи на новинарско прашање зошто екипите на Град Скопје рано изутрина го отстраниле споменикот на Ќосето, градоначалникот на Скопје рече дека тоа било за да не се предизвика застој во одвивањето на сообраќајот на една од најфреквентните крстосници кај Врховниот суд.
Шилегов изјави дека Градот Скопје од надлежниот инспектор на општина Центар примил решение за уривање на дивоградбата за споменикот на Ќосето и во законски предвидениот рок од три дена постатил по него.
Прашан за кои други споменици има сомневања дека се дивоградби, градоначалникот на Скопје рече оти „не би скал да влегува во шпекулации и дека „кога ќе созреат правните состојби јавноста благовремено ќе биде известена“.
Шилегов рече дека споменикот на Ќосето е однесен во просториите на Металски завод Тито (МЗТ), каде градот има закупено простор кога диво биле поставувани дел од спомен обележјата низ градот.
– Таму е оставен и ќе биде повикан донаторот да си го земе во определен рок од 15 до 30 дена. Постаментот е дивоградбата и тој ќе биде урнат. Предмет на истражување на дејствијата кои се преземаат од страна на надлежните органи не е самата статуа туку постапките, процедурите, начинот на кој е дојдено до нивното поставување и евентуалните злоупотреби при таквите постапки – изјави Шилегов.
Инаку, донатор на споменикот на Андон Лазов Јанев – Ќосето е Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин. Ова Здружение се јавува како донатор на уште неколку споменици поставени во главниот град во рамките на проектот „Скопје 2014“.