Отстранет споменикот на Андон Јанев- Ќосето, револуционер, но и контроверзна личност на Внатрешната македонска револуционерна организација. Тој беше отстранет во утринските часови, по што е преместен во магацините на скопска фабрика.
Градоначалникот Шилегов, на конференцијата за новинарите изјави- споменикот е незаконски поставен и затоа ќе преземаме и слични дејствија, не наведе кои. Шилегов рече дека екипи на Градот Скопје за да не предизвикаат застој во одвивањето на сообраќајот на една од најфреквентните крстосници кај Врховниот суд, рано изутрината го отстраниле бесправно поставениот споменик.
На местото каде се наоѓаше споменикот на Ќосето, Градот Скопје ќе насади дрво на човекови права, а ќе биде поставена изгравирана плочка која ќе ја добијат од збратимениот град Нирнберг, на која ќе биде напишан членот 10 од Универзалната декларација за човекови права на ОН.
Споменикот на Ќосето беше подигнат пред речиси четири години, како дел од проектот „Скопје 2014“.