Кривична пријава за трговија со дете поднесе денеска Министерството за внатрешни работи против 42-годишна кавадарчанка, во врска со случајот со штитеничката од Домот за згрижување деца „25-ти Мај“.
Единицата за трговија со луѓе и криумчарење мигранти на МВР до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против М.Д. од Кавадарци поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „трговија со дете“, согласно член 418 од Кривичниот законик.
Според документираните сознанија утврдено е дека пријавената во текот на декември минатата година и јануари оваа година го принудувало детето Р.И., да дава сексуални услуги на поголем број лица за одреден паричен надомест.
Исто така покрај сексуалната експлоатација, пријавената вршела и трудова експлоатација врз детето принудувајќи да питачи за неа.
Од Основното јавно обвинителство излегоа со соопштение во кое се вели дека е отворен предмет по допрен глас и е започната истрага против едно лице. За трговија со дете, е предвидена казна затвор од најмалку 10 години. По предлог на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје на Кавадарчанката и одреди мерка притвор во траење од 30 дена.