Угостителските локали „Џуси бар“, „Бастион“, „Локал 45“ и „Радио бар“, лоцирани на улиците „Ленинова“ и „Пиринска“, „Колектив бар“ на Плоштад „Македонија“ и „Нола бар“ во Капиштец го надминале дозволеното ниво на бучава. За четири од нив изречена е глоба до 500 евра.
Како што соопштија од Општина Центар, инспекцијата која во локалите била направена по укажување на граѓаните ја спровеле во ноќните часови и по извршените мерења од овластена лабораторија за животна средина, добиени биле извештаи за надминување на дозволеното ниво на бучава
„Овластениот инспектор за животна средина ги посети сите угостителски објекти, по што изготви решенија со кои ги упати да превземат мерки за намалување на нивото на бучава во рамките на пропишаните гранични вредности. Согласно Законот за заштита од бучава, на објектите им се доставуваат платни налози за глоба за сторен прекршок во висина на одмерената сума согласно Законот за прекршоци“, се истакнува во соопштението.
Општина Центар апелира до граѓаните да пријават гласна музика, и вознемирување во Полициската станица Центар, под чија надлежност е нарушување на јавниот ред и мир.