Романите „Одбројување“ на писателката Фросина Пармаковска во издание на „Или – или“, „Апокалипса.мк“ на Бранко Прља, чиј издавач е „Готен“ и „Диссомнии“ на Игор Станојоски во издание на „Антолог“ се финалистите за престижната награда „Роман на годината“ за 2017 година, што ја доделува Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“ од Скопје.

„Одбројување“ е трет роман на Фросина Пармаковска („Пишувајќи ги изгубените топки“, „Вишнова хроника“). Дипломирала Општа и компаративна книжевност, а магистрирала на Културолошките студии при Институт за македонска литература.

„Апокалипса. мк“ е последниот роман на Бранко Прља, кој под псевдонимот Берт Стајн ги објави романите „3 минути и 53 секунди“ и „1 час и 30 минути“. Автор на повеќе збирки раскази.

Игор Станојоски, авторот на „Диссомнии“, дипломирал Македонски јазик со општа и компаративна книжевност, а докторирал на Институтот за словенска филологија Сосновјец во Полска. Автор е на повеќе книги од областа на лингвистиката како и на романите „Гаргара“ и „Првиот универзитетски ден на мојата ќерка“.

Добитникот на наградата „Роман на годината“, за која во официјална конкуренција беа 27 романи ќе биде соопштен на 15 март, а по пат на тајно гласање за него одлучува жирито во состав: Давор Стојановски (претседател) минатогодишен лауреат, Ристо Лазаров, писател, Иван Додовски, писател и професор на Универзитетот Американ колеџ од Скопје, Анета Дучевска, професор и декан на Филолошкиот факултет „Блаже Коневски“ и Катерина Богоева, новинар и член на Фондацијата „Славко Јаневски“.

Наградата „Роман на годината“ 18 години претходно ја доделуваше лани згаснатиот „Утрински весник“.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/03/2018 20:41