Во Младинскиот културен центар, со голем број проекции, изложби, музички настапи и дебати вечерва се одржа деветтото издание на манифестацијата „Вечери на женски права".
Вечерите на женски права се културна алтернатива во одбележувањето на 8 Март, како еден од најсветлите датуми во историјата на правата за жените и родовата еднаквост.
Присутните ги поздрави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, и воедно на сите жени им го честита 8 Март, Денот на борбата за женски права.
Програмата на овогодинешното издание на Вечерите на женски права, како што посочи Шилегов, изобилува со прикажување на документарни филмови од светска продукција, разговори за феминизмот, еманципацијата, женскиот активизам, како и музичко дружење.
- За прв пат оваа година Градот Скопје поддржа продукција на документарен филм за подвизите на жените од нашите простори кој ќе биде прикажан на 29-ти март. Ова секако е настан кој ни нуди можност да го почувствуваме вистинското значење на овој празник, дава можност да размислуваме на еден покомплексен начин, различен од досегашниот. Културен настан кој вклучува уметност, поттикнува разни прашања и креативност и можност за размена на мислења. Одиме во правец на постојано отворање на простори во кои ќе се поттикнува, препознава, ќе се следи и секако ќе се вреднува активната женска улога и нејзиното учество во сите сфери, а особено во културата и уметноста, рече градоначалникот Шилегов.
Тој се осврна и за плановите и развојот на Скопје како град на еднакви можности и рамноправност помеѓу сите.
- Нашата работа во иднина ќе биде насочена кон креирање на средина за живеење и работа, во кој и мажите и жените ќе имаат еднакви можности за остварување на својот личен, професионален, приватен, интимен, духовен и културен потенцијал, истакна скопскиот градоначалник.
Посочи дека рамноправното учество на мажите и жените во семејството и во работниот живот заедно со рамноправното учество на мажите и жените во процесот на одлучување се предуслов и основа за развој на еден модерен град.
Во рамките на годинешново издание на „Вечери на женски права" се одржа изложбата „Признаените вс. невидливите жени“, како и проекција на шпанскиот документарен филм „Граници и ветувања“.
Како и секоја година, манифестацијата заврши со разговори и дебата со Ана Јовковска на тема „Сега е моментот – сите за родова еднаквост!“, каде што нејзини соговорници беа Лабина Митевска, Мерсиха Смаиловиќ, Ненад Марковиќ и Ана Бунтеска.
Активностите од „Вечерите на женски права", како што информираат од Град Скопје, ќе продолжат од 26 до 31 мај во Кинотека на Македонија, каде што ќе бидат прикажани проекции на повеќе документарни филмови.
Настанот се организира под покровителство на Градот Скопје, во соработка со УН Њомен, Кинотеката на Македонија, Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА, Институтуот за родови студии при УКИМ, во соработка со Шведската амбасада во Скопје.