Од 19 март ќе започне да функционира новиот филтер на депонијата “Дрисла”, а одредена е локација за изградба на регионална депонија во Североисточниот регион, истакна заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули на меѓународна конференција „Европските искуства за улогата на компаниите што ги управуваат посебните текови на отпадот, сега и во иднина“ во Стопанската комора на Македонија.

На конференцијата на која беа презентирани начините на функционирање на системите за управување со посебните текови на отпадот во Германија, Бугарија и во Чешка, беше истакнато дека посебен проблем во државата претставуваат големиот број нелегални депонии. Нивниот број изнесува од 66 до 88, а само во една општина има осум депонии.

– Депониите кои треба да се изградат нема да бидат како онаа во Струга, туку современи преработувачки капацитети кои ќе отворат нови работни места, рече Макрадули и додаде дека Владата ќе се натпреварува со бизнис заедницата кој подобро ќе го менаџира отпадот. Тој упати апел да се следат европските искуства и да се даде поддршка на селектирањето и рециклирањето на отпадот, бидејќи тој во некои индустрии може да биде суровина и од него да се заработува.

Министерот без ресор, Зоран Шапуриќ рече дека мора да се подобри менаџирањето со отпад и отпадот од проблем да го претвориме во бенефит за државата. Во таа насока тој ја истакна улогата на колективните постапувачи со отпад кој почнаа да даваат првични резултати и придонесоа за подигнување на јавната свест во државата.

Претседателот на Асоцијацијата за управување со посебните текови на отпадот во Стопанската комора Филип Ивановски рече дека во Македонија се создаваат годишно над 700.000 тони различен отпад, од кои околу 20 отсто, односно 140.000 тони постапуваат колективните постапувачи.

– Функционирањето на колективните системи може да биде подобро. Имаме фирми кои плаќаат и финансираат за селекција на отпад и фирми кој се уште не плаќаат кон колективните постапувачи со што се нарушува конкурентноста кон компаниите. Тие што плаќаат имаат дополнителен трошок што другите го немаат, а од друга страна бидејќи не плаќаат ни кон државата го оштетуваат буџетот од 4 до 5 милиони евра годишно, истакна Ивановски.

Бугарските искуства во однос на решавањето на прашањето со отпадот од амбалажа и електорснкиот отпад покажало дека државата главно треба да има добри закони, финасиски стабилни претпријатија кои се занимаваат со управување на отпад и беспрекорна контрола.

-И ние ги имавме тие проблеми како и Пакомак сега во Македонија, но ние во нашето претпријатие обезбедивме доволен број на возила и означени канти за отпад кои се поставени бликску до домовите на граѓаните. Потребно е да се подобри свеста на граѓаните за селекција на отпадот и проблемите полека ќе се разрешуваат, истакна Тодор Боургоуцков директор на компанијата Екопак од Бугарија.

На конференцијата беа презентирани и искуствата од Чешка и Германија каде законите за управување посебни текови се на сила повеќе од две децении.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/03/2018 16:56