Од град Скопје информираа дека оваа пролет ќе организираат акција за чистење на јавните површини и за миење на градските улици. Акцијата ќе ја спроведат јавните градски претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“, а се повикуваат и граѓаните да се вклучат во оваа акција и да придонесат за почисто Скопје.
„Ги повикуваме и нашите сограѓани да придонесат во акцијата и да ни помогнат да ги лоцираме дивите депонии во градот. Од денеска, сите совесни граѓани можат да пријавуваат диви депонии до Град Скопје со испраќање фотографија и локација на депонијата преку вибер на бројот 070/270-557 или со порака на нашата официјална фејсбук страница – Град Скопје“, стои во соопштението.
На денешната прес-конференција, портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху, ги повика сите општествено одговорни компании и институции да се приклучат и да помогнат со својата механизација за почисто Скопје.
„Со мотив и идеја градот да биде почист, наша цел е ваквите акции да станат редовна пракса, одржувајќи ги улиците постојано чисти во град без диви и нови депонии“, нагласи Салиху.