Уметникот Никола Радуловиќ за мултимедијалната инсталација „Book of Sclavin” ја доби наградата за најуспешен автор и дело на 12. Биенале на млади уметници, која оваа година по петти пат ја доделува Музејот на современата уметност.

Според жирито: Јованка Попова, Ана Франговска и Ѓорѓе Јовановиќ, одлуката е донесена поради целовитоста на авторскиот концепт и интердисциплинарен современ пристап.

- Во своето дело „Book of Sclavin”, Радуловиќ успешно ги инкорпорира визуелниот и наративниот израз преку ликовни, текстуални елементи и анимација, притоа создавајќи дело кое преку дистопискиот аспект на приказната кореспондира со актуелната политичка и социјална реалност - оценува жирито.

Музејот на современа уметност на наградениот Радуловиќ ќе му овозможи самостојна изложба во 2019 година.

„Book of Sclavin” е електронско илустрирано/анимирано книжно издание. Илустрациите во книгата се претставени во ГИФ формат и сочинуваат циклуси на анимација кои се повторуваат бескрајно. Мистериозна капсула е централен објект во книгата и е прикажана на биеналето како објект-управувач со кој се навигира книгата.

Никола Радуловиќ (1987, Куманово) дипломирал на Факултетот на ликовни уметности во Скопје, отсек-сликарство, а магистрирал на Националната художествена академија" во Софија, насока - илустрација. Добитник е на наградата „Борко Лазески” во 2010 година. Предмет на негов интерес се дигиталните медиуми и интернетот како простор на изложување, класична анимација и изработка на илустрирани книги во различни изданија.

Изложбата со дела од 12. Биенале на млади уметници, насловено „Ќе биде ли доцна ако времето запре“, ќе биде отворена за посетители до 28 март.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/03/2018 16:06