Прилепската полиција до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на општина Кривогаштани Тони Заткоски поради постоење основано сомнение дека е сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување и општината била оштетена за 212.976 денари.

Според Сања Стаматова, портпарол на СВР Битола во периодот од 2013 до 2016 година општина Кривогаштани, застапувана од пријавениот во својство на градоначалник, склучила повеќе договори со приватна фирма-бензинска пумпа за набавка на гориво за моторни возила на општината.

– На 5 септември 2016 година општината склучила договор и со друг оператор-бензинска пумпа за испорака на гориво. Во договорите операторите биле обврзани горивото да го испорачуваат истиот момент кога возило на општината Кривогаштани ќе дојде на бензиската пумпа да полни гориво. Пријавениот не се придржувал на склучените договори и дозволувал и овозможувал да се става моторно гориво и во возила што не се во сопственост на општината, а бензинските пумпи да го фактурираат горивото на сметката на општината. Пријавениот им дозволувал на вработените во општина Кривогаштани да ставаат гориво во сопствените возила, а тоа било фактурирано на сметка на општината, што е спротивно на општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија. На тој начин била направена материјална штета на општина Кривогаштани во висина од 212.976 денари, а во корист на трети лица, изјави Стаматова.

На прашањето до каде е расветлувањето на случајот со опожарената викендичка на координаторот на ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп, Петар Ристески во неделата вечерта околу 22.30 часот, рече дека се работи на случајот, се прават анализи и пронајдени се траги од два вида обувки.

Од местото на пожарот се подигнати траги за билошка и хемиска анализа. Има траги од обвуки, два вида и се уште се трага по сторителите, рече Стаматова.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/03/2018 20:49