Во рамки на традиционалната акција „Денови на пролетта - Денови на екологијата“ Град Скопје денеска распиша Јавен конкурс за избор на најеколошка компанија, за најголем придонес во областа на животната средина, за најубаво уреден двор на куќа, зграда и институција/стопански објект и најубав состав и цртеж на тема екологија за учениците од основните и од средните училишта.
Според условите на конкурсот, Градот Скопје ќе избира и најеколошка компанија (фирма со успешна примена на ISO 14001 и придонес кон зачувување на животната средина).
Ќе се избираат и правни или физички лица кои дале најголем придонес во областа на животната средина, односно кои со својата активност и залагање сториле најмногу за зачувување и унапредување на животната средина во градот Скопје, во смисла на заштита на медиумите и областа на животната средина, намалување на користењето необновливи видови енергија.
-Ќе се избира најубаво уреден двор - на објект за индивидуално домување, колективно домување и институција, фирма или стопански објект, најубав состав на тема екологија - за ученици од основните и од средните училишта, како и најубав цртеж на тема екологија - за ученици од основните и од средните училишта - соопшти прес-службата на Град Скопје.
Пријавите на заинтересираните граѓани, невладини организации, јавни установи, претпријатија и други правни и физички лица треба да се достават по пошта на адреса Град Скопје - Сектор за заштита на животната средина и природата, булевар Илинден бр.82 или во архивата на Градот, како и на телефонските броеви: 02/3297-273 и 3297-304.
За првите две категории, предвидена е по една награда во износ од по 45.000 денари. За третата категорија, најубав двор, предвидени се три награди (индивидуално домување, колективно домување и институција, фирма или стопански објект), во износ од по 40.000 денари.
За четвртата категорија се предвидени две награди, една за ученици во основните училишта и една за ученици во средните училишта, во износ од по 10.000 денари.
За петтата категорија се предвидени две награди, една за ученици во основните училишта и една за ученици во средните училишта, во износ од по 10.000 денари.
Разгледувањето на пристигнатите пријави и одбирањето на кандидатите го врши соодветна комисија, која Градот Скопје ја формира од претставници на вработените во секторите на Град Скопје и од невладините организации.
Пријавувањето започнува веднаш и трае до 15 мај 2018 година.