Падна потпорен ѕид на Водно и пропадна дел од улицата „Пандо Клјашев“ во скопско Пржино. Жителите од оваа тесна улица во Кисела Вода не можеа да ја спречат тешката механизација на една градежна фирма која гради четирикатна зграда на еден од малкуте останати простори во Пржино.

Потпорниот ѕид се урнал рано изутрината по што дел уличката потона во огромната дупка ископана за да се удрат темелите на објектот кој треба да ги задоволат потребите на инвеститорите.

- Во вторникот го блокиравме патот за механизацијата која претходно целосно ја уништи уличката која ни е единствен пристап до нашите домови. Залудни беа нашите апели до полицијата и инспекцијата во Општината. Им рековме дека потпорниот ѕид не може да го издржи ова и дека ќе падне, а инспекторите ни се смееја, се жалат жителите од Пржино.

Градежните работи започнале во јануари, уште пред да биде издадена дозволата за градба, која како што се гледа на таблата поставена од инвеститорот, била издадена на 26 јануари, а правосилност добила на 5 февруари.

Ако овој дел од Пржино барем за сега е небезбеден, градежните работи на фирмата се одвиваа и натаму.

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Филип Темелковски за Алфа рече дека ако инвеститорот работел спротивно на законот ќе биде казнет.

Следната „жртва“ на градежната механизација, како што велат жителите, бил малиот мост над каналот, по што улицата ќе остане целосно отсечена од сообраќајната инфраструктура.

Фото: Мкд.мк



Автор: Администратор
Објавено на: 23/03/2018 00:07