Град Скопје и Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ денеска почнуваат со реконструкција на зелените површини во стариот дел на Градскиот парк.
- Во моментов работиме на обновување на тревната површина во близина на езерцето, кај стадионот, каде е опфатена површина од повеќе од 4.000 метри квадратни. По завршувањето на овој дел продолжуваме со реконструкција на тревната површина спроти фонтаната „Лотосов цвет“ на влезот во Градскиот парк или на површина од 1.900 метри квадратни, рече на денешната прес-конференција скопскиот градоначалник Петре Шилегов.
Тој информира дека во овие два дела од Градскиот парк тревата е постара повеќе од 40 години и поради тоа е неопходна реконструкција. На овие две локации е предвидено садење на повеќе од 200 украсни грмушки, листопадни садници со кои ќе се надополни постоечкиот дрворед. Ќе биде поставена и нова хидрантска мрежа во должина од 700 метри, ќе бидат заменети расипаните прскалки и ќе бидат поставени нови онаму каде што недостасуваат. Ќе бидат поставени и клупи, корпи за отпадоци, а предвидена е и реконструкција на патеките.
Градоначалникот Шилегов посочи дека за реконструкција на двете парцели ќе бидат потрошени околу 4,5 милиони денари и најави оти ќе се реконструира и фонтаната „Лотосов цвет“. Во тој дел ќе бидат променети клупите и корпите за отпадоци.
- Зазеленувањето останува на врвот на листата на приоритети на Град Скопје. Ќе ја искористиме пролетта да го обновиме изгубеното зеленило и да им обезбедиме на нашите сограѓани повеќе чисти и зелени површини, потенцира Шилегов.