Полицијата поднесе кривична пријава против Р.Ѓ. (45) од Свети Николе поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, против правното лице „Вин-им“ ДООЕЛ Виница, С.Т. (51) од Виница и С.Д. (55) од Виница поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправна градба“.

Како што соопшти МВР, на 20 мај 2010 година првопријавениот, како градоначалник на општина Свети Николе, донел и спровел одлука за јавна набавка за изградба на горен строј на коловозна површина и реконструкција и доградба на улици во Свети Николе за износ од 6.500.000 денари. Одлуката била донесена без претходно да биде изработен основен проект и без одобрение за градење, како и без промена на деталниот урбанистички план.

Постапката за јавна набавка ја спровел со фиктивни количини од позициите во премер-пресметка и со одлука на Комисија за јавни набавки за изведувач било избрано второпријавеното правно лице, во кое одговорно лице била третопријавената. По ова, С.Т. преку пријавеното правно лице започнала со изведба на градежните работи и заедно со С.Д., како вршител на надзор, во текот и по извршените градежни активности изготвиле завршна ситуација за наплата.

На 20 септември 2012 година Р.Ѓ. донел и спровел одлука за јавна набавка и вградување асфалт на улици во Свети Николе за износ од 600.000 денари, без претходно да биде изработен основен проект и без одобрение за градење, како и без промена на деталниот урбанистички план.

И во овој случај, постапката за јавни набавки ја спровел со фиктивни количини од позициите во премер пресметката, а со одлука на Комисија за јавни набавки за изведувач бил избран ДГ „Изгрев инженеринг“ ДООЕЛ Велес.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/03/2018 16:07