Уметникот Синиша Кашавелски освои Гран-при на изложбата Art Expo во Венеција која се одржа пред десетина дена. Таа е уште една во низата награди што во изминатите неколку години тој ги добива на престижни изложби. Во 2015 година Кашавелски доби Златен медал меѓу 600 уметници од цел свет на годишната изложба Салон на убавите уметности под Стаклената пирамида во Лувр, претходно Златен медал освои и на Зимскиот салон во Гранд Пале во Париз.
Членува во Здружението на ликовните уметници на Франција и во Друштвото на ликовните уметници на Македонија, кое му ја додели националната награда „Димитар Кондовски“. Твори во техниката масло на платно и неговте дела досега се претставени во многу светски центри на уметноста, на меѓународни ликовни настани и на саеми на уметнички дела, како што беше претставувањето на АРТ021 во Шангај минатата година. Роден е во Куманово во 1969 година, дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во 1992 година.
Во интервју за МИА Кашавелски посочува дека наградите се признание за неговата работа и мотив и натаму да твори во сликарството кое, вели, е можност широко да го изрази својот внатрешен свет.
На Art Expo во Венеција победивте освојувајќи Гран-при за сликарство. Со што се претставивте на оваа престижна манифестација и каква беше конкуренцијата?
- Venezia Art Expo беше еден од најзначајните настани во 2018 година. Биеналето се одржа од 16-ти до 19 март во атрактивниот простор Scuola Grande della Misericordia во Венеција, каде што излагаа 400 уметници од 30 земји во светот. Идејата на настанот беше зајакнување на уметничката активност која следствено имаше цел да го стимулира уметничкиот пазар.
Оваа интернационална средба привлече протагонисти од разни уметнички правци, како сликарство, скулптура, графика, видеоуметност и керамика. Ваквиот спој на различни правци беше едно неповторливо искуство, а воедно и шанса за воспоставување партнерства помеѓу позначајните експоненти во современата уметност.
Проектот беше организиран од тим реномирани куратори предводени од Сандро Серадифалко, Франческо Саверио Русо и Салваторе Русо. На изложбата бев поканет од кураторот Салваторе Русо, а сликата „Dolore ac furori" (Бол и бес) )со која се претставив предизвика голем интерес кај аудиториумот. На мое задоволство, сликата беше селектирана како најдобра во отсекот сликарство и наградена со Гран-при. Ова за мене беше уште едно големо признание за мојата работа и, секако, огромен потстрек за понатамошно творење.
Фондацијата за визуелни уметности „Circle" Ве избра меѓу Топ 10 уметници за 2017 година. За што се доделува оваа награда и кој ликовен израз го промовира?
- Наградата на „Circle Foundation for the Arts“ се доделува на светско ниво, бидејќи оваа фондација е платформа за уметници од целиот свет. Во 2017 година, со свои дела се имаа пријавено 1 072 уметници од пет континенти од сите жанрови на визуелната уметност.
Жирито што ги додели наградите ја има направено селекцијата врз основа на визуелната претстава и содржината на делата, фокусирајќи се на кохезивноста на портфолиото на уметникот, опсегот на изработените дела, квалификациите и професионалното резиме. Да бидеш класифициран во Топ 10-те уметници во една ваква конкуренција е една голема сатисфакција.
Во претставувањето на „Circle" по повод изборот кажавте дека Вашата уметност се базира на реализам со елементи на мистерија. Каде ја наоѓате инспирацијата за мистичното? - Да, во суштина моите дела се спој на реалното и надреалното коешто по природата на нештата задира во светот на мистиката. Зависно од тоа во која фаза сум во дадено време, инспирацијата доаѓа од потсвеста која е многу силна, невидлива категорија. Збирот на внатрешните, мистични импулси го иницираат она што подоцна ќе стане нуклеус на едно дело. Штом од тој мистичен свет ќе се створи иницијалното јадро, на сцена стапува имагинацијата која е суштински значајна за создавање ментални скици кои во себе ја носат целата магија и убавина на мисловниот процес. Во многу случаи се прават повеќе ментални скици од кои подоцна ќе се одбере онаа којашто е најпровокативна во моментот и која во својата завршница ќе стане носач на она што се случувало во имагинарниот процес. Се чини доминантен мотив во Вашето творештво се портретите, особено женскиот лик. Зошто? - Од скоро самиот почеток на мојата кариера женските ликови и мистеријата на женскиот дух и тело многу ме фасцинираа и тие често фигурираат во моите дела. Говорот на телото и невидливата врска која е приказана преку генезата на женственоста е она што ги носат пораките во делата кои соодветно се обвиткани со додатна симболика. Целта е на ваков начин да се создаде една доволно содржински одржлива приказна која ќе го испровоцира аудиториумот да се напрегне да поработи на нејзиното декодирање. Како станавте сликар со оглед дека дипломиравте вајарство? - Иако дипломирав скулптура, со текот на времето сè повеќе навлегував во водите на сликарството, бидејќи тука гледав можност за пошироко изразување на она што го чини мојот внатрешен свет. Дијапазонот на идеите, ширината на колоритот, композицијата и бескрајните игри на имагинацијата инстинктивно ме преведоа во еден друг свет чијашто магија и ден-денес ме води низ лавиринтите на патешествието што се вика уметност. Често сте присутен и активен на меѓународната ликовна сцена, што сметате дека е тренд во современата уметност во светот? - За тоа кои се светските трендови и што во момнетот е актуелно на светската сцена, чинам дека тоа е прашање за некој ликовен критичар. Искрено, не ја следам актуелната сцена, бидејќи не сакам таа да има влијание врз мојата работа. Јас едноставно го сликам она што е дел од мојата моментна животна и уметничка фаза, без да се оптоварувам со некоја претходно зададена мисија. Фактот што во последните неколку години сликите ми се наградени на многу салони и изложби говори за тоа дека мојата уметност има одличен прием - и кај критиката, и кај публиката. Сметам дека тоа е комбинација, односно последица на тематиката што ја обработувам, идејните и композициските решенија кои очигледно сите заедно го чинат клучот на успехот. И да резимирам: Воопшто не ми е важно дали сум во тренд или не. Јас само го работам она што го сакам и од што последично чувствувам внатрешно задоволство.