Дрво за секое новородено дете во Скопје
Родителите на секое новородено дете во Скопје од сега ќе можат да засадат дрво во некои од градските паркови, скверови, дрвореди... На дрвото ќе има плочка со името на детето и датумот на раѓање. Со оваа акција ќе се придонесе за зголемувањето на зеленилото во градот Скопје.
За оваа цел градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов и претставници на гинеколошките клиники во Скопје потпишаа Меморандум за соработка за реализација на проектот „Дрво за секое дете“.
- Како што ветив во предизборната кампања ја почнуваме реализацијата на овој проект заедно со ЈП „Паркови и зеленило“ и Гинеколошко акушерските болници. Преку овој проект им овозможуваме на нашите сограѓани да засадат дрво во чест на раѓањето на нивното бебе. На дрвото ќе има плочка со името на детето и датумот на раѓање, истакна Шилегов.
Секоја мајка по раѓањето на детето во некоја од гинеколошките болници ќе добива честитка, на која ќе има и код со кој ќе може да аплицира за засадување дрво.
Дрвото на новороденчињата ќе биде посадено во сезонска акција на некоја расположлива локација по избор на родителите.
Во моментов, како што информира Шилегов, има 18 расположливи локации.
По напуштање на клиниките родителите ќе треба да го пријават добиениот код на 071 395 395.
Меморандумот за соработка го потпиша Градот Скопје со ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство, ЈЗУ Специјална болница по гинекологија и акушерство - Чаир и Одделите за гинекологија на Аџибадем Систина и Ремедика.