Најчести жртви на криминалот од омраза се машки малолетни лица, а инцидентите се случуваaт во етнички мешаните соседства и училиштата, на автобуските линии што ги користат припадници на различните етнички заедници, на места каде делото од омраза веќе се случило во минатото.

Во најголем број случаи станува збор за поголема група малолетници која напаѓа една или повеќе жртви без провокација, групни тепачки, напад или тепачка во автобус или на автобуска станица, во текот или по спортски настан.

Анализите направени од Хелсиншкиот комитет за човекови права во рамки на проектот што континуирано се спроведува во последните пет години во соработка и со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје покажуваат дека во периодот на бегалската криза во 2015 година, со оглед на огромниот наплив на бегалци, речиси 50 отсто од жртвите припаѓаа на категоријата бегалци или мигранти.

- Во текот на 2017 година беа евидентирани вкупно 70 дела од омраза, при што треба да се забележи дека овие дела се евидентираат врз основа на постоење на соодветни индикатори на пристрасност, како што се перцепцијата на жртва и сторител, разликата меѓу жртвата и сторителот врз етничка основа, коментарите дадени на лице место, образецот и фреквентноста на сторување на определени дела, типот на насилство, како и времето и местото на извршување на криминалот од омраза, вели Уранија Пировска, извршен директор на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија.

Точниот број на жртви на криминалот од омраза во 2017 година, како што додава, се уште е во фаза на обработка, при што очигледно е дека мнозинството жртви беа млади машки лица.

Политичка или етничка припадност-најчести мотиви за криминал од омраза

Изминатата година значително е зголемен бројот на дела од омраза кои биле сторени поради политичката или етничката припадност на сторителот или жртвата.

- Според статистичките податоци кои се однесуваат на изминатата 2017 година, а кои се базираат врз пријавените и регистрираните дела од омраза во рамките на платформата http://www.zlostorstvaodomraza.com/, она што особено загрижува е значително зголемениот број дела од омраза кои биле сторени поради политичката припадност на сторителот/жртвата. Имено, од вкупниот број пријавени инциденти во 2017 година дури 50 отсто отпаѓаат на овој основ, односно мотив за сторување на криминалот од омраза, вели Пировска.

Дополнително, во 43 отсто од случаите како мотив за овој вид криминал се јавува етничката припадност, со што овие два мотиви остануваат доминантни за извршување на делата од омраза.

Кога станува збор за различната етничка припадност како мотивација за извршување на делата, како што посочува Пировска, речиси без исклучок се работи за лица припадници било на македонската или на албанската етничка заедница.

Останатите дела од омраза биле сторени со оглед на верската припадност - три отсто, односно поради некој друг мотив во четири отсто од случаите.

Инаку, како и во претходните 2015 и 2016 година не бил евидентиран ниту еден случај во кој делото било сторено со оглед на сексуалната ориентација или родовиот идентитет на сторителот/жртвата.

- Ова никако не значи дека општеството не станало потолерантно кон припадниците на оваа вулнерабилна категорија лица, и покрај позитивната политичка волја искажана за подобрување на нивниот третман во изминатиот период, истакнува Пировска.

Како може да се превенира криминалот од омраза?

Превенцијата на криминалот од омраза е неопходна заради спречување односно намалување на бројот на инциденти кои во нивната заднина имаат некоја од пристрасните мотивации, доколку овој феномен не може во целост да се искорени и елиминира. Тоа нужно бара системски пристап од страна на сите надлежни и релевантни чинители, вклучувајќи ги невладините организации, полицијата, локалните самоуправи, центрите за социјална работа, но и образовните институции.

Неопходно е, како што посочува Пировска, јакнење на јавната свест за негативните ефекти од овие појави за општеството и социјалната кохезија, пред се со вклученост на наставниот кадар во конципирање и имплементирање на соодветни проектни активности во рамки на основните и средните училишта во етнички мешаните средини, но и со иницијативи на локалната власт.

Според неа, медиумите, исто така, можат да играат важна улога во превенирање на криминалот од омраза преку организирање и одржување јавни дебати и трибини на кои отворено и гласно ќе се адресира оваа проблематика.

- Не помалку важна е улогата на обвинителствата и кривичните судови кои преку правилно препознавање, процесуирање и казнување на делата од омраза треба да придонесат кон ставање крај на неказнивост и индиректно да влијаат врз процесот на превенција, вели Пировска.

Конечно, како што посочува, и политичарите преку избалансиран говор во кој не се содржани елементи на говор на омраза, како и верските лидери во одредени мултиконфесионални средини можат да имаат клучна улога во сузбивањето на криминалот од омраза.

Даниела Маркоска Алексовска



Автор: Администратор
Објавено на: 02/04/2018 17:26