Градоначалниците на Град Скопје и наопштина Чаир, Петре Шилегов и Висар Ганиу, заедно со претставници од „Скопски пазар“ А.Д Скопје и еснафи од Старата скопска чаршија денеска се сретна со пазарџиите што продаваат стока на незаконски поставените тезги во близина на Бит-пазар.

Во присуство на над 50 продавачи, информираат од Градот, се разговараше за планот и претстојните активности на Град Скопје за уредување на пазарот и за урбанизирање на јавните површини по должината на булеварот „Крсте Мисирков“.

- Дојдовме да поразговараме со вас и заедно да најдеме решение. Хаосот на Бит-пазар кој е долгогодишен проблем мора да се реши. Град Скопје реши да го уреди овој дел од градот, а за таа цел на овој потег ќе се реконструираат тротоарите, ќе се постават столпчиња и жардиниери, ќе се уреди такси-станица, ќе се засадат дрвореди, реконструираат и осветлат пасажите од булеварот кон чаршијата и ќе се ослободат тротоарите од дивопоставените тезги, рече Шилегов на средбата со пазарџиите.

Тој нагласи дека на им сенудат бесплатни тезги за два месеца на пазарџиите што ќе влезат во пазарот и ќе продолжат да работат на тие тезги.

- Со вашето влегување на пазарот сите ќе бидете еднакви, со еднакви услови за работа. Отворено кажувам дека еднакво внимание ќе укажуваме за развој на двете страни на Вардар. Правилата и редот мора да важат насекаде, посочи Шилегов, нагласувајќи дека станува збор за предизборен договор и обврска за избраните градоначалници и премиерот.

По уредувањето на јавните површини кај Бит-пазар, додаде, ќе се уредуваат и другите влезови кон чаршијата од плоштадот „Скендербег“ и од кај црквата „Свети Спас.“

Градоначалникот Ганиу на пазарџиите им гарантираше тројно повеќе посетители ако се воспостави ред на Бит-пазар.

- Не сакаме никого да оставиме без работа или да го спречиме да си ја продава стоката, затоа предвидуваме транзициски период со бенефиции за да може секој да се снајде, рече Ганиу.

Пред средбата, на пазарџиите им се делеа летоци со информативна содржина за плановите на надлежните институции и за можноста овие луѓе да склучат договори со „Скопски пазар“ А.Д Скопје.

Имајќи целосно разбирање дека вложуваат многу труд за да заработат за основните средства за живот,

Град Скопје во соработка со „Скопски пазар“ обезбеди на трговците кои работат на нелегално поставените тезги во близина на Бит-пазар да им бидат понудени на користење тезги во рамките на пазарот под поволни услови. Тие треба да склучат договор со „Скопски пазар“ А.Д Скопје, но претходно да се јават на телефонскиот број 02/3111 880.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/04/2018 22:19