Советот на министри за култура на Југоисточна Европа на четвртата конференција во Сараево, на која учествува и министерот за култура Роберт Алаѓозовски, усвои Декларација за зајакнување на регионалната соработка.
Министерот Алаѓозовски, како што информираат од неговиот кабинет, предложил и подиректно вклучување на културата во Берлинскиот процес и формирање на регионален фонд, по примерот на Нордискиот совет на министри или Вишеградскиот фонд.
Алаѓозовски, во своето обраќање, ја изразил недвосмислената поддршка на Македонија за Декларацијата и цврстата заложба за унапредување и интензивирање на регионалната соработка.
- Ваквиот синхронизиран пристап на меѓународните организации и регионални иницијативи со националните стратегии и политики по однос на новите предизвици, со кои се соочува културата и културниот сектор, се од огромно значење за создавање на предуслови и услови, кои ќе овозможат спроведување и одржливост на нови иницијативи и проекти со европски и универзални вредности, истакнал Алаѓозовски.
Посочил дека регионот е одамна подготвен да создаде организирана структура за поддршка со цел на нашите институции, организации и оператори да им овозможи постојана и стратешка поддршка.
- Фонд, кој што би ги имал во своите линии на поддршка и културните и креативните сектори, и независните иницијативи и современите медиумски производи, како филмови, ТВ серии и емисии. Ние веќе сме дел од различни структури, што го опфаќаат регионот, како Традуки, Форумот на словенски култури, независната мрежа Кооператива, споменатата платформа 16+1. Дојдено е времето да овозможиме одржлив механизам, кој ќе придонесе за развој на мултилатералните соработнички проекти во регионот. Оваа иницијатива ќе биде успешна, само доколку ја добиеме поддршката од вас, земјите-членки на ЕУ во оваа регионална платформа, бидејќи во овој процес можат да ни помогнат оние кои се најблиску до нас и кои веќе го поминале патот кој ние го чекориме сега, потенцирал Алаѓозовски, се наведува во соопштението од Министерството за култура.
На конференцијата учествуваат делегации и министри од 11 земји – членки од регионот, а главна цел е зајакнување на регионалната соработка во областа на културата и развојот, зајакнување на културното наследство и креативноста како двигатели за одржлив развој и регионална интеграција.