Делегација на Град Скопје, предводена од градоначалникот Петре Шилегов го посети збратимениот град Сараево.

Посетата, како што соопшти Град Скопје, е по повод 6 Април – Ден на градот. Овој датум е еден од најважните во историјата на Сараево, ден кога се одбележува годишнината од опсадата на Сараево во 1992, како и на ослободувањето во 1945 година.

Во рамките на возвратната посета на Сараево по покана на сараевскиот градоначалникот Абдулах Скака, Шилегов присуствувал и на пуштањето на новата жичарница во Сараево, заедно со голем број гости, вклучувајќи ги и градоначалниците на Љубљана, Загреб, Дубровник, Виена и Анкара.

Имајќи го предвид традиционалното пријателство на Град Скопје и Град Сараево, а со желба да се збогатат постојните врски и соработката меѓу двата града, градоначалниците Шилегов и Скака размениле информации за развојните визии во дејствувањето и надлежностите на градските управи, негувањето на историското наследство, организирањето на културните настани и развивањето на туризмот.

На средбата со Скака, Шилегов бил запознаен и со сегашната состојба и со планираните развојни проекти во Сараево. Дискутирале и за транспортната поврзаност, за сообраќајните решенија и за инфраструктурните прашања во главните градови на Македонија и Босна и Херцеговина.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/04/2018 13:24