Скопје ќе биде домаќин на првиот Дигитален самит за Западен Балкан што ќе се одржи на 18 и 19 април со учество на шефови на влади од Западен Балкан, министри одговорни за дигиталната агенда од земјите од регионот и земјите-членки на ЕУ, кои учествуваат во Берлинскиот процес, Европската комисија и од Советот за регионална соработка (РЦЦ).

Како што соопшти Министерството за информатичко општество и администрација, на форумот учество ќе земат и претставници од ИТ индустрии и бизниси, академици, млади, со цел да се реализираат видливи резултати за дигиталната платформа за размена на идеи и предлози.

Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за надворешни работи и Владата ќе бидат организатори на Самиот во Скопје, во соработка со Советот за регионална соработка, и останатите влади од Западен Балкан, од ЕК и германското Федерално министерство за економски прашања и енергија.

На Дигиталниот самит за Западен Балкан 2018 предвидени се панел дискусии на повеќе теми како: дигитално поврзување; интегрирање на економиите на Западен Балкан во единствениот дигитален пазар; подобрување на сајбер безбедноста; подобрување на дигиталните вештини; дигитализација на индустријата и интерактивни дискусии помеѓу владите, академиците, претпријатијата, иноваторите, граѓанските организации, младинските организации итн.

Важен дел од самитот ќе биде и Дигиталното ЕКСПО, кое, според организаторите, претставува единствена можност за компаниите во дигиталната индустрија од регионот и пошироко да ги презентираат своите иновативни производи и услуги, но, исто така, и да се запознаат и да се поврзат со потенцијалните партнери од владиниот и бизнис секторот.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/04/2018 10:03