Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал - Единицата за недозволена трговија со дрога, до Основното јавно обвинителство Скопје, поднесе кривична пријава против Б.М. (36) од скопското село Грчец и О.К. (58) од Република Чешка поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори’’.
Триесет и шестгодишниот жител од Грчец, во неговиот дом заедно со државјанин на Република Чешка инсталирале опрема и заеднички започнале процес на производство на синтетички дроги.
Како што соопшти МВР, на 3 април, 2018 година, врз основа на судска наредба, полициски службеници извршиле претрес во куќата на Б.М. во с. Грчец, кој не бил пронајден дома. При претресот биле пронајдени повеќе видови на хемиски супстанци кои биле чувани во шишиња, туби и канистри, подигнати и дадени на вештачење. Со вештачењето е утврдено дека станува збор за метамфетамин, бензил метил кетон и псеудоефедрин, како и други прирачни средства за производство на синтетичка дрога. Метамфетаминот е психотропна супстанца, додека бензил метил кетон и псеудоефедрин преставуваат прекурсори за добивање на психотропни супстанции од амфетамински тип на стимуланси.
Инаку, овие хемиски супстанци се користат и за производство на една од најопасните и најштетните синтетички дроги во светот, за која има повеќе имиња – кристал мет, перник или первентин. Оваа синтетичка дрога за првпат се среќава во Република Македонија, а најмногу се произведува во Република Чешка. Со нејзино користење се уништвува нервниот систем и мозокот и по само две години користење може да предизвика смрт.
Во текот на март 2018 година Б.М. и О.К. неовластено набавиле материјал и супстанци за произведство на синтетичка дрога, психотропни супстанци и прекурсори, по што во домот на Б.М. ја инсталирале опремата и заеднички започнале процес на производство на синтетички дроги. О.К. бил пронајден и приведен, а од страна на судија на претходна постапка одредена му е мерка притвор во траење од 30 дена, додека пак по Б.М. се уште се трага.