Коњите и кочијата ќе се продаваат по пат на усно јавно наддавање, одлучи Град Скопје. Која ќе биде почетната цена, овластени проценители допрва ќе треба да одлучат. Оваа одлука утре се очекува да биде усвоена од Советот на Град Скопје, пренесува Независен.
Во образложението кусо е наведено дека Град Скопје, односно ЛУНА ДООЕЛ Скопје, ќе ги продава двата липицанера, пајтонот и додатната опрема поради „траен престанок од потребата за користење на истите“.
Градоначалникот Петре Шилегов уште кусо време по преземањето на функцијата најави дека ќе го прекине проектот „пајтон“, поради, како што наведуваше, немањето интерес кај граѓаните за негово користење, наспроти големите трошоци за одржување. Според статистиката на Град Скопје, од почетокот на проектот до крајот на изминатата година, за пајтонот биле направени трошоци во висина од речиси 11 милиони денари, а приход од него имало незначителни 1,2 милиони денари.
Пајтонот низ Скопје почна да вози во 2013 година. Откако беше набавен, Град Скопје секоја година издвојуваше по 40.000 евра од буџетот за негово одржување. За оваа атракција беа потрошени 14.000 евра, а дополнителни 18.000 евра се потрошија за набавка на двата липицанера кои беа купени од една приватна одгледувачница од Солун.