Собраниската комисија за култура денеска едногласно усвои девет амнадмани на текстот на предложената Национална стратегија за развој на на културата 2018-2022 година и Акцискиот план за нејзина имплементација.

Амандманите произлегоа од јавната расправа која Комисијата ја организираше пред десетина дена, кога учествуваа претставници на институции од сите дејности во културата кои изнесоа свои забелешки и предлози и сугестии во однос на Предлог-националната стратегија.

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски рече дека е задоволен од предлозите кои се во насока на унапредување и подобрување на текстот на Националнта стретигија за култура и се во интерес на сите засегнати страни и на граѓаните.

Амандманите се главно донесени со образложение за усогласување на Националнта стратегија со Акцискиот план, и се однесуваат на конкретизирање и проширување на некои аспекти во однос на департизацијата и нормализацијата во културата, каде што одлучувачкото учество се проширува и со претставници на репрезентативните, уметнички и стручни здруженија во уметнички совети, управни тела и други работни тела и комисии, потоа во заштита на културното наследство со потребата од евалуација и изработка на посебна листа на најзагрозени добра на недвижното културно наследство и со ставање посебен акцент на активирање на индок центрите во матичните музеи.

Текстот на Националната стратегија се надополнува и со потреба од разработка на студиска програма за прв циклус студии и други модели на едукација од областа на конзервација и реставрација на културното наследство, како и со утврдување потреба и можности за формирање мали оркестри и хорови во градови кои имаат факултети за музичка уметност.

Усвоен е и амандман со кој се става акцент на превентивната конзервација, усвојување стандарди, едукација на кадарот за чување и ракување со културните добра, изготвување планови за заштита, евакуација и спасување и обука на кадарот во сите музеи.

По денешното усвојување, амандманите станаа составен дел од Националната стратегија за развој на културата и Акцискиот план за имплементација на Националната стратегија. Документ ќе биде ставен за гласање на седница на Собранието на РМ.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/04/2018 14:00