Покрај покаченото ниво на водата во езерото, Дојран годинава ги исполнува сите услови за рекордна туристичка сезона што беше потврдено за време на изминативе Велигденски празници кога беше тешко да се најде слободно место.
Веднаш по заминувањето на викенд гостите, општина Дојран со ангажирање на вработените од комуналното претпријатие и надлежните служби, ги почна подготовките за претстојната летна туристичка сезона.
- Почнавме уште пред Велигден со санирање на оштетената рекреативна патека од надојдената вода и тие работи уште се во тек. Паралелно со нив тече чистењето, партерното и хортикултурно уредување на централното подрачје и околу главната плажа, како и некои поситни работи околу средување на лесно оштетени улички и тротоари, вели градоначалникот Анго Ангов кој нагласи дека од страна на концесионерите активно се работи околу уредувањето на градската плажа „Реформ“ и на плажата „Фук-так“ кои моментно се попесочуваат.