Намален број жртви во сообраќајки и мерки за зголемена безбедност на патната инфраструктура ќе треба да придонесат за состојба во која, и во случај на грешка на возачот, ќе нема смртни последици.

Со такви долгорочни резултати треба да се оправда евентуалното формирање на новото извршно тело - Агенција за подобра безбедност на сообраќајот, што е иницирано од Министерството за транспорт.

Во европските држави каде што веќе се формирани ваквите тела бројот на жртви во сообраќајот е намален за третина за период од околу 15 години.

Сегашната состојба во Македонија е 160 до 200 жртви годишно и голем број повредени во сообраќајки, што е воедно загуба од два процента од БДП. Во 2015 година на македонските патишта згаснале 148 животи, бројка која во 2016 се зголемила на 165. Лани, пак, загинале 155, од кои 72 во сообраќајки предизвикани од брзо возење.

Особено загрижувачки е податокот за 15 загинати деца во 2015 година, но и податокот дека стандардите за патиштата не се ажурирани од 1987 година.

За да ја смени сегашната состојба новиот потенцијален буџетски корисник треба да обедини активности и да координира повеќе институции вклучени во проблематиката. Првично ќе работи на системска анализа на црните точки и причините за сообраќајните несреќи, ќе ја утврдува слабоста на инфрастуктурата, ќе ги зајакнува механизмите за контрола на безбедноста на возилата и однесувањето на возачите. Ќе има законска можност да издава наредби на МВР, Јавното претпријатие за државни патишта, Републичкиот совет за безбедноста на сообраќајот за да преземаат мерки во конкретни насоки.

Експерти од Светска банка од кои е побарана експертиза за воспоставување поефективен систем за управување со безбедноста на патиштата веќе укажаа на клучните слабости и изготвија препораки за идно делување.

Главни слабости во сегашното менаџирање на состојбата, според направената експертиза е немањето извршна моќ на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и постојани вработени, кој има советодавна функција, незадоволителното ниво на одговорност на координативното тело за безбедност на патиштата, немањето податоци за сообраќајки и систем кој би бил достапен за сите вклучени институции. Сегашниот систем за сообраќајките на МВР е оценет како затворен и неефикасен.

Со добиените задолженија за носење на одлуката за новото тело, Министерството за внатрешни работи треба да обезбеди посебна програма за внесување и процесуирање на податоците за сообраќајните незгоди, со посебен акцент на поврзување на базата на податоци со осигурителните компании и Националното биро за осигурување. Воедно треба да го ажурира прашалникот за сообраќајна незгода со прифаќање на стандардите на ЕУ за воведување на CADAS протоколот (Заеднички сет на податоци за сообраќајна незгода), локацијата на сообраќајната незгода (ГПС координати на локацијата на незгодата), влијателните фактори и маневрирањата на учесниците во сообраќајната незгода.

Податоците од сообраќајните несреќи сега се собираат од страна на полицијата на регионално ниво и се доставуваат на процесурање во МВР, а се јавно достапни како дел од статистички извештаи. Деталите во податоците и нивната точност ја ограничуваат нивната употреба во управувањето со безбедноста на патиштата. Исто така, овие податоци не се собираат електронски, ниту пак се достапни за другите институции, што ја ограничува потенцијалната можност за користење за континуирани политики и планирање на инвестиците во безбедноста на патиштата.

На новото извршно тело за делување ќе му биде потребен детален план за подобрување на инфраструктурната безбедност на мрежата, што треба да го подготви Јавното претпријатие за државни патишта. Во тој контекст, како што велат од ЈПДП, се нивните тековни проекти РАМС (Систем за оценување и управување со патиштата) и иРАП (Mеѓународна програма за оценување на патиштата), а се спроведуваат и консултантски услуги.

Со РАМС треба да се изврши длабинско радарско мерење на структурата на коловозот на патиштата, да се воспостави база на податоци за патиштата и патен референтен систем, да се испорача и примени софтвер, да се воспостави дигитална просторна база на податоци за патениот референтен систем и да се врши мерење на тежината на тешко товарните возила во движење.

Со проектот иРАП, пак, е предвидено снимање на 3.047 километри од автопатиштата, магистралните и регионалните патишта со кои управува ЈПДП, нивно рангирање со звезда во поглед на безбедноста на патишта, како и подготовка на инвестициски план за побезбедни патишта за да се идентификуваат областите со висок ризик и за да се планираат идни инвестиции во безбедноста на патиштата.

Задолжение доби и Министерството за здравство, кое, пак, треба да примени проект за класификација и снимање на податоците за повредените во сообраќајна незгода, што треба да го направи согласно методологијата и класификацијата МАИС (Maximum Abbreviated Injuries Sistem).

Анализите на институциите покажуваат дека во земјите во ЕУ во просек има 5,2 жртви во сообраќај на 100.000 жители, а во Македонија просекот е 7,1 жртви. Од 2010 до 2016 во Македонија е зголемен просекот на жртви во соообраќајот на осум на 100.000 жители, односно за 1,3 проценти. Останатите држави од регионот, како Србија и Црна Гора, во 2016 година имаат 46 проценти односно седум проценти намалување на жртвите споредено со 2010 година. Значителен успех бележи и Словенија каде бројката од 278 жртви во сообраќајки во 2011 година е симната на 141 жртва во сообраќај во 2011 година, а Словачка од 814 на 342 годишен број на жртви во сообраќајот.

Последните проценки на Светската здравствена организација покажуваат дека во 2015 година, 1,25 милиони луѓе починале и 50 милиони биле повредени во сообраќајни несреќи на светско ниво. Декадата на активности на ОН постави цел со која се предвидува преполовување на бројот на жртви до 2020 година во однос на проектираните бројки, додека одржливите развојни цели од 2015 година поставија цел со која се предвидува преполовување на бројот на жртви до 2020 во апсолутни бројки.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/04/2018 12:28