Полицијата поднесе кривична пријава против поранешниот граданочалник на Прилеп, Марјан Ристески, (46) поради основано сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Како што денеска информира МВР, кривични пријави се поднесени и против М.С. (59) поради основано сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на постапка за јавен повик“, И.К. (63), Љ.М. (58), И.Ч. (67), Б.Н. (54) поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластувања“.

Кривично е пријавено и правното лице „Пела Транс“ ДООЕЛ, село Мажучиште, прилепско, за кривичното дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство“.

Како што појаснуваат во соопштението, М.Р. во својство на градоначалник на општина Прилеп, на пријавеното правно лице му овозможил да се стекне со противправна имотна корист од 77.031.890 денари, средства од буџетот на општина Прилеп. М.Р. создал услови „Пела Транс“ да биде единствен понудувач и избрана фирма за најповолен понудувач на постапката за јавна набавка за зимско одржување на улици и патишта на територијата на општината Прилеп.

Пријавената фирма не можела да учествува во постапките за јавни набавки поради неплатени обврски за даноци. Во тој период фирмата се наоѓала на листата на должници од УЈП, и тоа уште во билансот на состојба од 2011 година, кога за таа година бил наведен долг – обврска за даноци и придонеси од преку 7.000.000 денари.

М.С., во својство на сопственик и управител на фирмата, поднесувал лажна документација (уверение за платени даноци и придонеси) во договор со пријавените И.К., Љ.М. и И.Ч., кои како одговорни лица во општинската администрација, биле назначени и за членови во Комисијата за јавни набавки. Тие како членови на комисијата биле присутни во сите случаи при евалуација и одлучувале при секоја постапка за оваа јавна набавка во периодот од 2012 до 2017 година.

Лицата И.К., Љ.М. и И.Ч. не побарале од пријавената фирма да им биде доставено оригинално уверение за платени даноци и придонеси, ниту пак по службена должност побарале од УЈП да ја потврди фактичката состојба. И.К. и Љ.М. овозможиле во тендерската документација – техничката спецификација да бидат поставени услови кои ја фаворизираат пријавената фирма. Тие поставувале економски и технички параметри кои само овој субјект ги исполнува.

Покрај ова, како што соопшти МВР, биле предвидувани и лимити во вредноста на договорите со кои се барало вредноста на договорите, поединечно, да се движи во вредности од по 10.000.000 денари што биле склучени во претходни договори со „Пела Транс“.

Од М.Р. за надзор за вршењето на зимското одржување било назначувано ЈП за ПУП Прилеп, а како надзорен инженер бил поставуван шестопријавениот Б.Н. кој не вршел споредба на позициите искажани во ситуациите со оние во градежниот дневник.

- Со ваквите дејствија пријавените овозможиле фирмата „Пела Транс“ село Мажучиште да се стекне со противправна имотна корист во висина од 77.031.890 денари, средства од буџетот на општина Прилеп, се вели во соопштението од МВР.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/04/2018 13:07