Вардар ќе се бори по шести пат за титулата во регионалната СЕХА Газпром лигата откако по полуфиналето на Ф4 турнирот го победи Мешков со 33-24 (17-14). „Црвено-црните" се на пат да станат прва екипа со четири титули во СЕХА, и втор тим што успеал да слави две сезони по ред и плус пред домашна публика.

Противник на Вардар ќе биде победникот од дуелот ППД Загреб и Целје. Финалето се игра во недела во 20,15 часот во СЦ „Јане Сандански".

Продолжува доминацијата на Вардар во меѓусебните дуели со Мешков. Ова беше 13. меч и ова е осми триумф во СЕХА лигата. Мешков беше единствен тим што сезонава му зема бод на Вардар во СЕХА лигата, но сега „црвено-црните" вратија со камата.

Дуелот со Мешков беше најавуван како „финале пред финале" на Ф4 турнирот, но почетокот на натпреварот воопшто не го најавуваше тоа.

Вардар тргна фуриозно, мотивирано и изгледаше како да „пука од сила" и едвај чека да игра натпревар. Циндриќ, Борозан, Шишкарев, Дибиров...уште од почеток го торпедираа голот на Мешков чии ракометари немаа време да ги средат редовите.

„Црвено-црните" веќе водеа со 7-3 кога тренерот на гостите мораше да бара минута одмор и да се обиде нешто да смени во играта. Предноста од четири голови се зголеми на „плус 6" за највисокото водство дотогаш, 12-6. И Арпад Штербик беше во елемент со шест одбранети топки.

Кога тргнаа замените во тимот и малку „се измеша" поставата, и по неколку технички грешки по ред, му овозможија на Мешков да дојде до 12-10. Раул Гонзалез знаеше дека е време да побара тајм аут. И тоа веднаш донесе ефект, Вардар водеше повторно со „плус 6" за 16-10. Секогаш кога ќе одигравме сериозно и до крај ја држиме топката до „сигурна ситуација" доаѓаа головите. Да не беа неколкуте погодени стативи на Криштопанс, Македа и Дибиров сигурно резултатот на полувреме ќе беше во наша корист со уште некој гол повеќе.

Само што почна второто полувреме Вардар ја покажа моќта и желбата да триумфира, и тоа да биде убедливо и без неизвесност. Нашите момци направија серија од 5-0 и поведоа со 22-14 како најава дека победникот е веќе познат. Немаше никакви дилеми околу нашиот пласман во 6. финале. Требаше само да се одработи она што ни претстои до крај на натпреварот. И не само седум, туку Вардар имаше и „плус 10“, 30-20. Го имавме расположенио Штербик на голот со 16 одбрани и плус 2 пенали како лидер на одбраната која исто така повторно беше бедем што не се пробиваше.

Лука Циндриќ со 6 гола беше најефикасен кај Вардар, а по 4 постигнаа Чупиќ, Карачиќ, Шишкарев и Борозан.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/04/2018 23:51